Симболи на злото

Европската Унија не може да се бори против антисемитизмот доколку дозволи искривувањето на историската вистина на холокаустот да биде макар и најмал дел од предусловите за членство. Во слична насока се и зборовите на претседателот на Светскиот еврејски конгрес, кој вели дека молчењето на светот доведе до Аушвиц!

654

Секој човек, барем еднаш во животот, особено во младите години, мора да го посети Аушвиц. Како што ходочести по трагите на човековиот генијален ум – пирамидите во Гиза, теракотната армија на императорот Кин, Ангкор Ват, Колосеумот, Ајфеловата кула, „Мона Лиза“ или „Давид“ и многу, многу други – еднакво мора да ја запознае и другата, темната страна на нечовекот.

Кога ќе ги види оние купови облека, златни заби, очила, коса…, кога ќе застане пред машинеријата на смртта на гасните комори…, илузиите за големината на Човекот полека бледнеат. И од тој миг се менува целата перцепција за цивилизацијата, за вредностите, за моралот…, за приказните за широките хоризонти на човечкиот ум.






И тоа треба да биде национален проект на секоја демократска влада во светот денес: континуирано да ги запознава, по можност „во живо“, новите генерации не само со брилијантните творечки достигнувања на луѓето низ вековите, туку и со симболите на злото, на потенцијалната девијантност на истите тие луѓе, на нивните ужасни, грозоморни и целосно неразбирливи злосторства кон другиот, кон сопствениот род.

А Аушвиц е само еден од тие симболи којшто требаше да служи како опомена за човештвото по него. Но тоа не се случи зашто дојдоа и Хирошима и Нагасаки, Виетнам и Камбоџа, Чиле, Јужна Африка, Судан, Руанда… И со кои и какви очи младиот човек потоа ќе ја гледа историјата на цивилизацијата? И како ќе си го објаснува фактот дека истиот Човек може да ја изгради катедралата во Келн или Бранденбуршката порта во Берлин а потоа и гасните комори во Аушвиц со мисла да убива околу 800 луѓе дневно? Или да ја изгради Empire State Building, но и атомската бомба што вапоризираше околу 250.000 луѓе? Па уште бомбите да ги нарече „Little Boy“ и „Fat Man“, а за нивниот „татко“ да сними филм и да го награди со седум Оскари!

И токму затоа, предупредувачки, па и освестувачки звучат зборовите на директорот на Музејот на Холокаустот во Скопје дека Холокаустот на македонските Евреи и на Евреите од тогашните окупирани делови на Грција и Србија од бугарска страна е дел од светската историја на холокаустот и не смее да биде третиран како прашање за кое може да се преговара. Европската Унија не може да се бори против антисемитизмот доколку дозволи искривувањето на историската вистина на холокаустот да биде макар и најмал дел од предусловите за членство. Во слична насока се и зборовите на претседателот на Светскиот еврејски конгрес, кој вели дека молчењето на светот доведе до Аушвиц!

Но, тогаш, имаме ли (и) ние потполно право да кажеме дека едно слично молчење – на најголемиот дел од „цивилизирана“ Европа, но и пошироко – доведе до денешната Северна Македонија, до нејзиното дваесетгодишно понижување во чекалната на еу (малите букви се реален одраз на моралната страна на ова акционерско друштво), до замената на холокаустот со отворен културоцид и застанувањето на страната на покондирените мрачни сили на злото. И не е тоа оној „crème de la crème“ на интелектуалната Европа туку некаков одвратен политикантски меланж на полуинтелигенти облечени во „Армани“ костуми, заедно со квазисоцијалистички и десноцентристички криминалци и бивши фашистички рецидиви, некогашни полициско-сталинистички и антидемократски структури и секаков друг шљам што денес ни се претставува како демократска опција на Европа. Меѓу нив и бивши удбашки чеда кои „не знаат“ како се нашле во архивите на соработници на СДБ.

Затоа, впрочем, на таквите со паметење од ден-два не им пречат уцените и отворено културоцидните политики на една нивна членка – незамисливи за една циовилизирана држава во 21-от век, не паметат ниту пак сакаат да слушнат што се случувало на овие простори во не така дамнешната Втора светска војна (па и во времето на Првата и претходно на Балканските војни), молчат како сомови за оние 7.500 Евреи депортирани во логорите на смртта – меѓу нив и во Аушвиц – токму од војските на сегашна нивна членка итн. Но затоа „госпожа“ Кос говори за мерит систем на ЕУ, за политичка воља, за заслуги…, а „госпожа“ Калас би елиминирала сѐ што не допира до нејзиниот ум. Па кои се, тогаш, тие заслуги за Европа на, на пример, нашиот источен сосед? Па и на некои други, или на тврдокорниот австро-унгарски менталитет и понатаму му требаат источни „доминиони“ како штитови од вечниот страв од руската мечка?

За жал, и македонскиот политички жабурник е речиси идентично смирисан, особено во врска со фамозните Уставни промени, но и со некои лични фобии на секакви типови кои глумат политички лидери. Кај нас наводните социјални и прогресивни знамиња и понатаму ги веат превеани лажговци, „реформатори“ обоени со сите ретроградно-криминални бои, пајтон интелектуалци и среброљупци маскирани во некаква (провинциска) елита, ѕверови во овчја кожа, крадци и пазарџиски билмези кои продаваат сѐ за личен ќар… И безмалку истите ликови, кои низ изминативе две-три децении исцицаа сѐ што можеа во овој социјалистички капитализам (а некои од нив дури и во оној социјализам!), и понатаму не се срамат да држат лекции и проповедаат некакви норми на однесување. Згора, токму дел од тие неуки и аморални персони нѐ поистоветуваа(т) со Бугарите како „еден народ“ со некаква „заедничка историја“, други измислуваат дилетантски тези за поврзаноста на човековите односно малцинските права и идејата за одложена примена на промената на Уставот (замислете, малцински права и Бугарија!) и слични будалаштини.

Но, за жал, ние пропуштаме уште една можност токму за Денот на Холокаустот и врз примерот на симболите на злото – меѓу нив и Аушвиц но и депортацијата на македонските Евреи во онаа 1943 година – да отвориме посериозна расправа за можниот поширок импакт на тезата „Бугарите во Устав“ поврзано не само со идиотизмот викан „заедничка историја“ туку и дали таа, веќе утре, (ќе) треба да значи и наша колективна вина за депортацијата на оној не мал дел од македонски граѓани во логорите на смртта? Или кој тоа се обидува да си ги мие рацете товарејќи нѐ со такво морничаво бреме заради нечија глупост?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини