СИЛИКОНСКА ДОЛИНА ПОД ЛУПА Нови детали за врските на Епстин со технолошките моќници
Новите документи од Министерството за правда на САД откриваат колку длабоко осудениот сексуален престапник бил поврзан со врвот на технолошката индустрија.
Новата објава на милиони документи од американското Министерство за правда повторно го врати во фокус случајот со Џефри Епстин, откривајќи колку длабоко осудениот сексуален престапник бил поврзан со елитата на Силиконската долина.
Иако во последните недели најмногу се зборуваше за Илон Маск и Бил Гејтс, кои јавно негираа вмешаност во злосторствата на Епстин, новообјавените досиеја покажуваат дека неговата мрежа од контакти во технолошкиот свет била далеку поширока и подолготрајна.
Меѓу имињата што постојано се појавуваат во документите се коосновачот на „Google“, Сергеј Брин, инвеститорот Питер Тил, поранешниот висок директор на Microsoft Стивен Синофски и коосновачот на „LinkedIn“, Рид Хофман, објави „CNBC“.
Документите, кои вклучуваат е-пошта, фотографии, распореди и снимени разговори, не претставуваат доказ за кривични дела, но фрлаат нова светлина врз начинот на кој Епстин со години се обидувал да се инфилтрира во најмоќните технолошки кругови.
Според електронската комуникација пронајдена во списите, вечерата се одржала на 2 август 2015 година. Епстин фотографијата си ја испратил сам на себе по електронска пошта еден ден подоцна и, според достапните информации, ја чувал изложена во својот стан на Менхетен. На настанот присуствувал и коосновачот на „PayPal“, Питер Тил, иако тој не се наоѓа на самата фотографија.
Во истата кореспонденција, Епстин таа вечер ја опишал како „дива“, што повторно привлече внимание во јавноста по објавувањето на повеќе од три милиони документи од страна на Министерството за правда, со кои се разоткрива опсежната мрежа на негови контакти со моќни поединци од политиката, бизнисот и науката. Надлежните институции нагласуваат дека појавувањето на фотографиите и во документите не претставува доказ за какво било кривично дело.
Во списите се појавуваат и повеќе електронски пораки што упатуваат на комуникација меѓу Епстин и Илон Маск во периодот пред и по вечерата. Во една порака од 2012 година, Маск го прашува Епстин кога ќе биде „најлудата забава“ на неговиот остров, додека во друга, од 2013 година, разгледуваат можност за посета на Карибите. Во тоа време, Епстин веќе имал пресуда за сексуални кривични дела против малолетници.
Тил и преписката што траела до апсењето
Името на Питер Тил, коосновач на „PayPal“ и „Palantir“, се појавува во документи што откриваат континуирана комуникација со Епстин од 2014 до 2019 година – период што вклучува и месеци пред неговото апсење.
Во снимен разговор со поранешниот израелски премиер Ехуд Барак, Епстин дури советува како да се искористат врските со Тил за позиција во „Palantir“. Подоцнежната преписка потврдува дека средби навистина се одржале, вклучувајќи дискусии за политика, финансии и логистика, па дури и детали за преференции за храна испратени до персоналот на Епстин.
Според „Њујорк тајмс“, Епстин инвестирал околу 40 милиони долари во фондови управувани од компании поврзани со Тил. Од неговиот тим тврдат дека инвеститорот никогаш не го посетил озлогласениот приватен остров.
Хофман и посетата на островот
Во документите често се споменува и Рид Хофман, кој во 2014 година го посетил приватниот остров на Епстин – факт што тој претходно го призна, наведувајќи дека патувањето било од филантропски причини.
Е-поштата покажува пријателска комуникација, подароци, даночни совети и планови за дополнителни средби во Њујорк и Ново Мексико. Во една порака, Епстин го нарекува Хофман „многу близок пријател“.
Документите откриваат и дека Хофман организирал вечера во Пало Алто во 2015 година, на која присуствувале Марк Цукерберг, Илон Маск и Питер Тил, по што тој ги поврзал Цукерберг и Епстин преку е-пошта.
Од „Meta“ соопштија дека Цукерберг немал контакт со Епстин по таа средба.
Брин и старите контакти
Коосновачот на „Google“, Сергеј Брин, се појавува во преписка од 2003 година со Гислен Максвел за можна вечера кај Епстин во Њујорк.
Подоцнежни судски документи наведуваат дека Епстин го препорачал Брин на „JPMorgan Chase“, а во 2023 година Брин добил судска покана поврзана со истрагата за финансиските активности на Епстин.
Синофски и финансиските совети
Новите поднесоци откриваат дека поранешниот директор на „Microsoft“, Стивен Синофски, барал совети од Епстин за условите под кои ќе ја напушти компанијата. Нивната комуникација траела со години и вклучувала разговори за кариери, инвестиции и високи деловни контакти.
Властите предупредуваат
Американските власти нагласуваат дека самото појавување на имиња во досиејата не значи вина, но документите придонесуваат за создавање појасна слика за влијанието и стратегијата на Епстин, кој почина во затвор во 2019 година, додека чекаше судење.