ЕРДОГАН ПОТВРДИ НАЈМАЛКУ 912 ЗАГИНАТИ, А 5.383 ПОВРЕДЕНИ Видеа од разорниот земјотрес во Туркије се раширија на Твитер

Силниот земјотрес, кој според американскиот геолошки институт бил со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, се случил денеска во 04.17 часот по локално времево близина на јужниот турски град Газиантеп, во близина на границата со Сирија, на длабочина од околу 18 километри.

1,213

Видеа од згради кои се рушат во градот Газиантеп во Туркије во разорниот земјотрес од 7,8 степени се споделуваат на Твитер. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган потврди дека бројот на загинати достигнал најмалку 912 луѓе, а повредени се 5.383 лица. Од загинатите најмалку 239 лица се од страната на Сирија. Се стравува дека бројот на жртвите ќе продолжи да се зголемува. Во меѓувреме, повеќе европски земји ветија помош за Туркије. Фаут Окај, потпретседател на Туркије, утринава соопшти дека 1.710 згради се урнале.

Сеизмолозите оценуваат дека земјотресот можеби е најсилниот во историјата на Туркије.

 






 

Сеизмологот од Универзитетскиот колеџ во Лондон, Стивен Хикс изјави дека претходниот голем земјотрес, исто така со интензитет од 7,8 степени е регистриран во североисточна Турција во декември 1939 година, при што загинаа 30.000 луѓе. Сличен јак земјотрес во Туркије удрил и во јануари 2020 година, со интензитет од 6,7 степени според Рихтеровата скала.

Во моментов, Туркије и Сирија ги бројат жртвите.

 

 

Има најмалку 20 загинати во северозападната сириска провинција Идлиб, контролирана од бунтовниците. Многу од зградите во областите кои беа погодени од земјотресот претрпеа оштетувања за време на конфликтот што избувна пред речиси 12 години во Сирија. Возовите во северниот дел на земјата се превентивно запрени.

 

Македонското Министерството за надворешни работи информира дека дипломатско-конзуларните претставништва на МНР во Туркије се на 24-часовно располагање на евентуални прашања од македонските државјани.

„По силниот земјотрес во југоисточниот дел на Република Туркије, Министерството за надворешни работи, стапи во контакт со Амбасадата на Северна Македонија во Анкара и Генералниот Конзулат во Истанбул, кои се во постојана комуникација со надлежните институции на Туркије. Нашите ДКП-а во Туркије се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања, на телефонските броеви: +905394569710 во Анкара, +905456149777 во Истанбул, и + СОС телефонот на МНР во Скопје 38975273732“, информираат од МНР.

Рано утринава имаше силен земјотрес во близина на јужниот турски град Газиантеп во кој според досегашните информации загинале повеќе од 300 луѓе во Сирија и Турција.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел утринава се огласи по разорниот земјотрес што денеска ги погоди Турција и Сирија и однесе голем број животи и најави помош од ЕУ.

„Нашите мисли се со народот на Турција и Сирија. ЕУ е подготвена да помогне“, напиша Борел на Твитер.

Холандскиот премиер Марк Руте најави дека холандски тим за потрага и спасување ќе се приклучи во потрагата по преживеани во Турција и во Сирија. Тој преку објава на Твитер му изрази сочувство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека и Грција „ќе ги мобилизира своите ресурси и веднаш ќе им помогне на погодените области“, а помош вети и Шведска.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Москва е подготвена да и ја пружи сета потребна помош на Анкара по силниот земјотрес што предизвика бројни жртви.

Турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) претходно ја повика меѓународната заедница да помогне во напорите за пребарување и спасување.

Германија ќе испрати помош за регионите погодени од разорниот земјотрес во Туркије и Сирија, кој однесе стотици животи. Ова го изјави сојузниот канцелар Олаф Шолц.

Францускиот претседател Емануел Макрон на Твитер објави дека Франција е „подготвена да обезбеди итна помош за населението“ во Туркије и во Сирија. Тој изрази сочувство до роднините на загинатите.

„Изразувам искрено сочувство до мојот турски колега Мевлут Чавушоглу, неговата земја и турскиот народ“, објави шефицата на француската дипломатија Катрин Колона на Твитер, ветувајќи помош од Франција.

Таа не ги коментираше последиците за Сирија.

„Во врска со земјотресот во Туркије и барањето на турските власти за помош, предложив на местото да се испрати засилен тим за пребарување и спасување“, објави полскиот министер за внатрешни работи Мариуш Камински на Твитер. Тој објасни дека се работи за тим од 76 спасувачи и осум кучиња.

Поврзани содржини