СИЛЕН ВЕТЕР СОБОРИ ПОВЕЌЕ ДРВЈА ВО СКОПЈЕ Има оштетени автомобили и искинати кабли, надлежните ги санираат проблемите
Од „Паркови и зеленило“ ги предупредуваат граѓаните да внимаваат каде ги паркираат своите автомобили.
Силниот ветер синоќа собори повеќе дрва во Скопскиот регион и предизвика штети, информира Центарот за управување со кризи.
„Како резултат на силниот ветер во Скопската Котлина, на 6 локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили. За состојбата се известени СВР Скопје и Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности“, информира ЦУК.
Од „Паркови и зеленило“ ги предупредуваат граѓаните да внимаваат каде ги паркираат своите автомобили.
„Според најавата од Управата за хидрометеоролошки работи, денеска се очекува да дува умерен до засилен ветер од северен правец, особено претпладне. Ги информираме граѓаните да не ги паркираат возилата под дрвјата, со цел да се избегнат несакани последици. Доколку забележите паднато дрво ве молиме да пријавите во ЦУК на телефонот 112 или на дежурните телефони објавени на веб страната на претпријатието“, соопшти „Паркови и зеленило“.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски соопшти дека екипите се на терен и се реагира навремено и координирано.
„Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја. Нашите служби веднаш излегоа на терен и постапуваат со целосна мобилизација, за да се отстранат опасностите и да се обезбеди безбедно движење за граѓаните. Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, објави Ѓорѓиевски на својата страница на Фејсбук.
Апелирам до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен, додаде тој.