СИЛЕН ВЕТАР ОДДУВАЛ ЧАМЕЦ СО ДВАЈЦА ТИНЕЈЏЕРИ НА ОХРИДСКО ЕЗЕРО Полицијата ги нашла на 1 километар спроти хотелот „Изгрев“
Полицијата го пронашла и го вратила чамецот со двајцата малолетници кој неконтролирано се оддалечил од брегот на Охридското Езеро
Денеска во 09.35 часот во Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, од веслачки клуб „Црн Дрим“ од Струга било пријавено дека во водите на Охридското Езеро, на два километри од брегот, наспроти „Женска плажа“, неконтролирано се оддалечува чамец за веслање со двајца малолетници во правец кон државната граница со Република Албанија.
Според пријавеното, членови на веслачкиот клуб се доближиле до чамецот, но поради силниот ветер не можеле да го извлечат на брегот.
Полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, Полициската станица за граничен надзор „Франгово“ и членови на веслачкиот клуб го пронашле чамецот на еден километар наспроти хотелот „Изгрев“ во Струга, по што со службен пловен објект чамецот со малолетниците безбедно го пренеле до брегот на Езерото.
Децата се во добра здравствена состојба.