СИЛЕН ОГАН „ЈАДЕ“ ШУМИ, ПОД ЗАКАНА НЕКОЛКУ СЕЛА Шест активни пожари низ Македонија, најтешко во Прилеп и во Берово
Пеколни горештини и запалена вегетација, во неколку општини ситуацијата е критична, а дел од пожарите се закануваат да се прошират кон населени места.
Додека земјата се соочува со летни горештини, вкупно 14 пожари на отворен простор се евидентирани низ територијата на Македонија до денеска, 25 јули 2025 година, до 13:00 часот, информира Центарот за управување со кризи. Од нив, шест се активни и се шират, четири се под контрола, додека четири се веќе изгаснати.
Најсериозна е ситуацијата во југоисточниот и источниот регион, каде што пожарите беснеат по нискостеблести и мешани шуми, смрека и сува вегетација. Во Општина Василево, на границата со Радовиш и Берово, пожарот избувнал кај селото Нивичино и се проширил кон планините Голем Готен и Малешевските Планини, зафаќајќи голема површина со густ зелен покрив. Гаснењето е отежнато поради непристапниот терен и силниот ветер.
Во Прилеп, огнот зафати површина кај селото Бешиште и местото Бешишки Рид, со ризик да се прошири кон селото Градешница. Таму гори мешана шума, а пожарникарите се борат со пламени јазици кои се разгоруваат со секој налет на ветерот.
Сериозни пожари се активни и во Македонски Брод, кај селото Црешнево, како и во Штип, каде што пожарот се наоѓа меѓу селата Драгоево и Селце, зафаќајќи нискостеблеста шума и сува трева. Во Карбинци, гори област кај селото Јунузлија, а пламенот се проширил и во Зелениково, кај селото Гумалево, каде што гори ниска и мешана вегетација.
Од другите пожари, четири се ставени под контрола, меѓу кои и оној кај селата Царевиќ и Смолани кај Прилеп, на локацијата Радобилски Рид. Исто така, две различни жаришта кај Македонски Брод – едното меѓу селата Локвица, Крапа и Црешнево, другото кај селото Грешница – се стабилизирани поради ангажман на локалните служби и мештани.
Стабилна е и состојбата во Желино, каде што пожарот меѓу селата Церово и Групчин, кој гореше со денови, е ставен под контрола.
Добрата вест е што четири пожари се целосно изгаснати. Во Ресен, пожарот кај селото Долно Перово, каде што гореше трска и ниска вегетација, е целосно ликвидиран. Исто така, изгаснати се пожарите во Кочани – еден кај с. Нивичани, а другиот кај објект на ДООЕЛ „Стоименов“. Пожарот кај селото Латово, во Македонски Брод, кој зафати мешана шума, исто така е успешно изгаснат.
Иако дел од пожарите се стабилизираат, останува висок ризик поради временските услови. Надлежните апелираат до граѓаните да не палат оган на отворено и да пријават секој забележан пламен.