СИЛЕЏИСКИ ГО ТОЛКУВАТЕ УСТАВОТ Мицески и Апасиев во жестока расправа со Џафери поради отфрлањето на Иницијативата
Инаку собранието попладнево го изгласа дневниот ред на 84-та седница. Пратениците едногласно, со 75 гласа „за“, ја донесоа одлуката за испраќање припадник на Армијата во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“ во Република Либан.
Пратениците Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ и Димитар Апасиев од Левица денеска во Собранието реагираа за вчерашната одлука на спикерот Талат Џафери со која беше отфрлена Иницијативата за референдум поднесена од ВМРО-ДПМНЕ.
Мицевски го обвини Џафери дека „повторно земал повеќе право од што имал“.
– Повторно земавте повеќе право од што имате, нешто што не е ваша обврска, а за тоа што велите дека Иницијативата е неуставна, би рекол – ајде да изградиме фронт за борба против криминалот и корумпираните политичари – рече Мицевски.
Апасиев, пак, предочи дека кога има достава на Иницијатива за референдум, претседателот на Собранието е овластен само формално-правно да испита дали е уредна или не. Отфрлањето на Иницијативата е сериозно прашање кое, како што напомена Апасиев, Деловникот го третира не како спикерско, туку како пленумско овластување.
– Немате други ингеренции, освен да ја доставите Иницијативата до Законодавно-правната и до матичната, Комисијата за политички систем. Овие комисии требаше да ви дадат мислење, тоа е вториот чекор – да кажат дали Иницијативата е уредна или не. Третиот чекор е, ако се утврди дека Иницијативата е неуредна, да се стави на дневен ред на првата следна собраниска седница. Четвртиот чекор е – Собранието, не спикерот, со заклучок да утврди дали Иницијативата е уредна или не и дури тогаш се известува официјалниот предлагач, во случајот Мицкоски, во рок од три дена. Вие сте пратиле обично известување кое не е правен акт и сето ова го имате прекршено преку силеџиско толкување на Уставот – објасни Апасиев.
Џафери на обвинувањата одговори дека Парламентот работи според Уставот и Деловникот, а претседателот на Собранието е должен да ги следи работите не само како форма, туку да ја следи и нивната суштина.
– Ова е Собрание, а не суд вие да судите. Ако сметате дека сте во право, има процедура, соодветен посебен уставен орган, со соодветни надлежности. Обратете се таму, ќе ви одговорат. Има Уставен суд. А ако има работа и за Јовески, јавете се и кај него – му рече Џафери на Мицевски.
На Апасиев, Џафери му порача да ги чита законите и дека целта на обвинувањето му е да собира политички поени.
– Верувам дека ова што го прочитавте ќе имате можност да го кажете пред студентите. Тука сме во Собрание, а не на факултет за да ни држите предавање. Сакате да добивате политички дневни поени – рече Џафери.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев ја повикува целата опозиција да влезе во тотална блокада на Собранието.
Тој смета дека по последната постапка на Талат Џафери кој самиот реши да ја цени уставноста на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ, нема веќе смисла да се биде во Собранието.
Рефендумско прашање е апсурдно затоа што до сега во Македонија не познавам дека се случило во пракса да се поништи договор ратификуван од Собранието, па оттука се сомневам во искрените намери за референдум, односно дали се работи за искрена политика или повторно само гол популизам, истакнува пратеничката и потпретседателка на ЛДП Моника Зајкова.
– Скрининг процесот од утре започнува за пристапување на земјава во ЕУ, а денеска е одржан првиот состанок со делегатите од 27-те земји членки на ЕУ во работната група на Советот на ЕУ, задолжена за проширување и за земјите коишто преговараат за пристапување. Формирани се преговарачки тимови, така што со спроведување на рефендумот, државата наместо напред би направила чекори наназад. Не разбирлива е одлуката да се излезе со такво референдумско прашање ако се земе предвид дека токму ВМРО-ДПМНЕ, беше онаа која немаше ништо против при усвојувањето на резолуцијата за Западен Балкан предложена од нивната сестринска партија- Европската народна партија на конгресот во Ротердам во која се бара да се почитува и спроведува Договорот со Бугарија и добрососедските односи – потенцираше таа.
Таа додаде дека организирањето на референдум во време на енергетска криза е непотребен чекор, затоа што тоа ќе удри по буџетот на државата, а со тоа и по џебот на граѓаните. За неа во моментов на отпочнати процеси не е потребно да има референдум, а истиот може повторно да предизвика големи поделби меѓу граѓаните, како и последици по однос на државата и успорување на процесот на нејзината евроинтеграција.
СДСМ и ДУИ денеска порачаа дека нема да дозволат лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да ја загрози европската иднина и остануваат цврсто на ставот дека иницијативата е неуставна.
Инаку собранието попладнево го изгласа дневниот ред на 84-та седница. Пратениците едногласно, со 75 гласа „за“, ја донесоа одлуката за испраќање припадник на Армијата во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“ во Република Либан.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки забележа дека неколку часа чекале да се усвои дневниот ред, посочувајќи дека ќе дадат поддршка на одлуката за испраќање припадник на Армијата во меѓународната операција „УНИФИЛ“.
– Како опозиција имаме конструктивен став и оваа точка ќе ја поддржиме. Нема да вршиме никаква опструкција на овие предложени решенија – рече Ковачки.
Со 62 гласа „за“, без воздржани и без ниту еден глас против, Собранието ја донесе и Одлуката за објавување јавен оглас за именување на членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
Предлог- закон за ратификација на Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан ќе биде разгледуван кога ќе има услови односно кога ќе помине на Комисијата за надворешна политика, а од истите причини не можеше да се разгледа и Предлог-законот за ратификација на Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан.
По барање на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски не беше разгледан и Дополнетиот предлог на закон за буџети затоа што во исто време има закажано седница на Комисијата за финасирање и буџет.
Претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека седницата ќе продлжи утре во 12 часот, онаму каде, како што рече, ќе има услови за отворање дебата. Апелираше до тогаш да работат соодветните комисии.