Силјановска: Мила реши да им ја „поттуриме“ историјата на соседите и „да го решиме“ македонското прашање!
Министерката Царовска, небаре Хера, за неполни четири „постреволуционерни“ години, со помош на Зевс (Заев), протрча низ социјалната политика и труд, се впрегна во економијата и стигна во „ својата“ област - образованието.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска преку Фејсбук реагира на најавата на министерката за образование Мила Царовска за спојувањето на повеќе предмерти во еден, што како образовна реформа вчера беше најавена. Меѓу предметите кои повеќе нема да се изучуваат одделно е и историјата, што пак предизвика лавина реакции во јавноста.
– Аман од таа историја! Министерката Царовска, небаре Хера, за неполни четири „постреволуционерни“ години, со помош на Зевс (Заев), протрча низ социјалната политика и труд, се впрегна во економијата и стигна во „ својата“ област – образованието. Веднаш реши да ги „ослободи“ децата од досадната и конфликтна национална историја, поврзувајќи ја со општествените науки. Посака да ги „спаси“ еднаш засекогаш од „ПОГРЕШНОТО ТОЛКУВАЊЕ“, кон кое сме „склони“ и од кое „страдаме“ ние, Македонците. Чуму ни е премногу историја, што би рекол Черчил, зошто пријателски да не ја споделиме со соседите, оти тие, како членки на ЕУ се „докажани“ историски нации, што „ПРАВИЛНО“ ЈА РЕВИДИРААТ ИСТОРИЈАТА, а ние, заради претешкиот историски товар, не можеме да се придвижиме кон ЕУ! Колку „грешеле“ оној Орвел и Сантајана..
Како припадничка на Преспанската каста, Мила претпочита географија, а не историја. Реши да им ја оставиме, па и „поттуриме“ на соседите и „да го решиме“ македонското прашање! Во аргументацијата се повика на примерот на Финска, позната по одличниот образовен систем, ама, не и по отсуството на предметот „ историја“! Не е важно, фино звучи!, напиша Силјановска.