Силјановска Давкова: Џафери го промовираше на меѓународен план јазичниот федерализам, треба да одговара

Силјановска Давкова посочи дека ставот 2 од истиот Член од Уставот вели дека јазикот кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните исто така е службен јазик со неговото писмо, но во истиот член никаде не пишува дека истиот може да се употребува во меѓународните односи.

1,235

Пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, остро го критикуваше однесувањето на претседателот на Собранието Талат Џафери кој во Европскиот парламент се обрати на албански јазик, таа истакна дека со тоа Џафери го прекршил Уставот преку своја лична интерпретација на одредбите на јазикот, како и дека за истото треба да одговара, а ја повика и претседателката на Уставниот суд да постапи по иницијативите за оценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците.

– Претседателот на Собранието Талат Џафери го промовираше на меѓународен план јазичниот федерализам. Имено тој зборуваше на албански јазик, би сакала да упатам на уставното решение, односно на амандманот 5 од Уставот, Член 1 во кое јасно се вели дека на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо – рече Силјановска Давкова на прес конференција.






Таа посочи дека ставот 2 од истиот Член од Уставот вели дека јазикот кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните исто така е службен јазик со неговото писмо, но во истиот член никаде не пишува дека истиот може да се употребува во меѓународните односи.

– Ова значи дека господинот Талат Џафери си го допиша Уставот преку своја лична интерпретација на одредбите за јазикот – истакна Силјановска Давкова.

Таа рече дека претседателот на Собранието треба прв да покаже дека е под Уставот и законите, а дека и го почитува Деловникот и треба така и да се однесува во меѓународните односи.

– Во меѓународната јазична практика дури и во федерации како Швајцарија или Белгија каде што ние пратениците ги добиваме законите на два јазика, секогаш постои автентична верзија, заради опасноста од различниот превод да се гласа за различни решенија, не ми е јасно кој е авторот на ваквиот модел. Пратениците Албанци можат да ги добиваат материјалите на албански јазик, но не постои обврска за пратениците Македонци, Турци, Роми, Власи и останати да добиваат текст на албански јазик, па по тоа ова е невообичаена пракса дури и за Европскиот парламент, и очигледно е ова некоја нова јазична инвенција – појасни Силјановска.

Силјановска вели дека оваа како што рече јазична инвенција не само што е незаконска и неуставна, туку доведува и до големи забуни.

– Очекував службите во Собранието да му алармираат на претседателот на Собранието, но очигледно дека тој мисли дека сè е дозволено, точно е дека ваквите текстови доаѓаат и од Владата – вели Силјановска Давкова.

Таа потенцираше дека личните документи се издаваат на македонски јазик како и на тој јазик во согласност со закон, значи „и“, „и“, не „или“, „или“. Таа го потенцираше примерот кој се случи во Тетово каде матичните служби им велат на граѓаните дека мораат да ги добијат личните документи двојазично затоа што нивниот број бил низок од 20 проценти, кое е уште едно кршење на Уставот.

– Ја повикувам претседателката на Уставниот суд која вели дека никој не може да влијае врз неа, да ги процесуира неколкуте иницијативи за оценка на уставноста на Законот на употреба на јазиците.  Јас како професор одговорно тврдам дека и процедурално тој е донесен спротивно на Уставот и законот, во скратена постапка со европско знаменце, а овој закон не беше потпишан од претседателот на државата, а без негов потпис тој закон е невалиден, односно станува збор за неовластено фалсификување. На потег треба да биде Уставниот суд –  појасни Силјановска Давкова.

Поврзани содржини