СИЛЈАН ШТРКОТ ВЕЧЕРВА ЌЕ СЛЕТА НА МЕНХЕТЕН Американска премиера на филмот на Тамара Котевска
Посебен успех на филмот беше откупувањето на правата за емитување од страна на „Нешнал џиографик“.
Во престижниот ИФЦ (International Film Center) во Њујорк вечерва ќе се одржи американската премиера на документарниот филм Приказната за Силјан (The Tale of Silyan) на македонската режисерка Тамара Котевска.
Веднаш по проекцијата ќе следи разговор со публиката на кој ќе учествуваат Тамара Котевска, режисер и продуцент, и Јан Декар (Jean Dakar), кинематографер и продуцент, на кој публиката директно од авторите ќе може да ја чуе приказната за создавањето на филмот и за неверојатниот однос меѓу човекот и штркот кој го инспирираше целиот проект.
Филмот ја започна својата светска промоција во Венеција, каде ја освои престижната награда за Кино-уметност на Венецискиот филмски фестивал. Тоа беше првиот сигнал дека филмот ќе го привлече вниманието на документарниот свет. Следеа значајни награди и номинации од релевантни филмски фестивали: NY Doc, IDA (International Documentary Awards), Bergen, Cinema Eye Honors, Coronado Island Film Festival, Калифорнија и ред други.
Посебен успех на филмот беше откупувањето на правата за емитување од страна на „Нешнал џиографик“.
Овој филм е македонски кандидат за Оскар за категоријата „најдобар странски филм”, како и во категоријата „најдобар документарен филм”, пријавен токму од Нешнал џиографик.
Со вечерашната премиера во Њујорк филмот се среќава со американската публика, критичарите и фестивалските селектори, а се очекува и голем интерес од македонската заедница во овој дел на САД.
