Силјан Мицевски: На Груевски му дадов 10.000 евра на рака, платив 70.000 евра за спас на МЗТ

3,315

Битолскиот бизнисмен Силјан Мицевски денеска на рочиште за случајот „Талир“ сведочеше дека дал 70.000 евра за спас на кошаркарскиот клуб МЗТ, како и дека му дал 10.000 евра на рака на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Мицевски се појави во судот како сведок на обвинителката Ленче Ристоска. Тој зборувал за рекетирањето од власта кога неговата компанија ќе добиела одреден тендер и како од него било барано како подизведувачи да земе одредени фирми.






– По наредба на премиерот или на генералниот секретар на владата се случувало да ми кажат: Земете го тој и тој подизведувач. Кирил Божиновски ми дал таква сугестија. Ми кажал, на пример, да го вклучам „Трансмет“ за ископ во Битола. Лично сум однел 10.000 евра кај премиерот Никола Груевски. Одамна беше тоа. Сме донирале за ВМРО-ДПМНЕ и индиректно, за избори. Сме дале и на кошаркарскиот клуб МЗТ околу 70.000 евра. Требаше да платат некоја котизација за да не ги избришат од лигата и јас платив. Плативме, не по наша иницијатива, туку по барање на одредени луѓе од партијата – рече Мицевски.

На прашањето од Ристевска од кого доаѓале овие барања, Мицевски одговори:

– Еднаш Влатко Чинговски, кој беше директор на ЕЛЕМ, ми има дадено писмо и фактури за плаќање, другпат Кирил Божиновски. Имало и други што доаѓале, седеа кај секретарката, не ги познавам сите. Барањата за спонзорства, плаќања се случуваа во просториите на Владата, во РЕК кај генералниот директор и на други места – рече Мицевски, пренесе СДК.мк.

Случајот „Талир“ е за незаконско финансирање со 5 милиони евра на ВМРО-ДПМНЕ при што Груевски, Божиновски и Миле Јанакиески се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување и за перење пари и други приноси од казниво дело.

За перење пари во овој случај е обвинет е поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски. Поради овој процес замрзнат е имотот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и седиштето на партијата.

 

Поврзани содржини
na