СИЧКИТЕ АНТИКОМУНИСТИ БИЛЕ БЛГАРИ? Фашисти, злосторници и колаборатори се прикажуваат како жртви на комунизмот

Историски е непоткрепено тврдењето дека некој во Македонија страдал поради тоа што се чувствувал како Бугарин, а точно е дека биле казнувани соработниците на окупаторот и воените злосторници, тврдат историчарите.

3,912

Ниту еден Бугарин во Македонија за време на комунистичкото владеење не бил прогонуван, затворан или убиен поради својата национална припадност. Комунистите се пресметувале со своите идеолошки непријатели, но не е точно дека некој настрадал поради националното чувство, тврдат нашите соговорници.

Во Протоколот потпишан со Бугарија, македонските власти се обврзаа дека ќе оформат сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните државни безбедносни служби од времето на комунизмот, вклучувајќи полиција, цивилно и воено разузнавање и контраразузнавање во периодот од 1945 до 1991 година. На тој начин на бугарските истражувачи би им биле достапни досиејата на Бугарите во Македонија, кои наводно биле прогонувани од комунистичкиот режим.






Поранешниот разузнавач Александар Диневски вели дека и двете страни во овој случај покажуваат колку малку ја познаваат тематиката за која постигнале договор. Според него, илузорно е Македонија да се обврзува на отворање архиви кои никогаш не ги поседувала.

– Во Протоколот е договорено да се отвори воениот архив. Знаеме дека до 1991 година војската се нарекуваше Југословенска народна армија (ЈНА), а нејзиниот архив и тогаш и денес се наоѓа во Белград. Истото важи и за сојузната Управа за државна безбедност (УДБА). Ние такви досиеја во Македонија не поседуваме – вели Диневски.

Тој не крие дека комунистите се пресметувале со идеолошко-политичките противници, но тука воопшто не била битна националната припадност.

– По војната се водени процеси против соработниците на бугарскиот окупатор, а апсени се и ванчомихајловистите, но тука не можеме да говориме за тоа дека се гонети Бугари, туку напротив меѓу овие лица поголемиот број биле Македонци – додава тој.

Диневски вели дека посочената точка од Протоколот е директно мешање во внатрешните работи на Македонија и ќе претставува предмет на нови кавги во нашето општество.

– Тоа требаше да се реши во 90-тите години и тогаш во потполност да се отворат нашите архиви, но тогаш надлежните немаа слух за такво нешто, сметајќи дека тоа е револуционерен предлог, а тие претпочитаа работите да се решаваат по еволуциски пат – вели Динески.

Комунистите го стрелале крвникот од Ваташа

Историчарот Ѓорѓи Чакарјаневски вели дека е историски непоткрепено тврдењето дека некој во Македонија страдал поради тоа што се чувствувал како Бугарин, а точно е дека биле казнувани соработниците на окупаторот.

– По ослободувањето, генералот Михајло Апостолски ја предводел делегацијата која заминала во Софија кај бугарскиот лидер Ѓорѓи Димитров, со кого југословенските власти биле во добри односи. Тогаш била договорена екстрадицијата на воените злосторници од Македонија, кои во име на бугарските окупациски власти биле осомничени за дела против народот. Така во Македонија е доведен и суден полковникот Апостолов роден во Крива Паланка, кој заповедал со 63. полк на бугарската армија и бил одговорен за убиството на децата од Ваташа. Нему му било судено во монополот во Кавадарци, каде пред преполната судница бил осуден на смрт и бил стрелан во непосредна близина на винскиот подрум на комбинатот „Тиквеш“ – изјави Чакарјаневски.

Тој е сигурен дека не постои ниту еден доказ дека некој на каков било начин бил малтретиран, само поради тоа што се чувствувал како Бугарин.

– По ослободувањето е формирана Организацијата за заштита на народот (ОЗНА), која била поделена на повеќе сектори. Од еден сектор се гонеле четниците на Дража Михајловиќ, од друг усташи, воени профитери, злосторници, а имало и сектор кој ги испитувал припадниците на ВМРО и на МПО на Ванчо Михајлов. Но, тука никој не вели Бугари, туку непријатели на тогашната власт – додава историчарот.

Бараат од нас да го рехабилитираме наци-фашизмот

Во Протоколот е наведено и дека нашата Влада во согласност со Декларацијата на Собранието на Република Северна Македонија од 2006 година со која се извинува на жртвите на репресијата на режимот во 1945-1990 година и во духот на Резолуцијата на Европскиот парламент за европската совест од 2009 година и тоталитаризмот, треба да ги осуди и да се извини за неправдите и репресиите извршени во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенскиот комунистички режим врз граѓаните врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучувајќи и во однос на Бугарите. Проф д-р Тодор Чепреганов, прочуениот македонски историчар, вели дека со тоа Бугарите сакаат и ние да постапиме како нив и да го рехабилитираме наци-фашизмот.

– Тие во 1997 година донесоа декларација со која сите бугарски фашисти, нацисти и воени злосторници од времето на Втората светска војна ги прогласија за жртви на комунизмот. Доколку и ние тоа го направиме тогаш ќе треба да го рехабилитираме и еден Александар Белов, директорот на Управата за еврејски прашања во Бугарија и човекот кој е директно одговорен за интернацијата на македонските Евреи во логорот на смртта – вели Чепреганов.

Тој заклучува дека се работи за чиста измислица дека некој во Македонија настрадал за време на комунистичкиот режим, само поради неговото национално чувство.

Поврзани содржини