Sic erat scriptum
Повторно државата помага таму каде што мисли дека треба да помогне, ама тоа повторно го прави селективно и најблаго речено – нејасно. Каде е тука културата?
Просто не можеш да не им завидуваш на оние од т.н. бизнис заедница и Стопанската комора на Македонија. Луѓето на време си формирале Кризен штаб за следење на ситуацијата и помош на членките, посочуваат со име и презиме поединци кои во секое време се достапни за совети, ќе имаат редовни контакти со власта преку неколку од Владата назначени лица за постојана соработка итн. Добро, таму кризата е најголема, а се вртат, и се губат, големи пари. Впрочем, од нивната „ликвидност“ – или барем на дел од нив – зависи и вкупната ситуација во државава.
Не можеш дури да не го разбереш и она расфрлање со државни пари на име „донација“ (sic!) – каков оксиморон! – на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во износ од 105 милиони денари, од кои 103 милиони на радиодифузерите, а остатокот на Македонската радио телевизија (30 милиони), и на МВР и Министерството за здравство по еден милион денари (sic!). Оваа државна Агенција парите ги „донира“ на име финансиска помош за справување со последиците од коронавирусот. Добро, не сме толку глупави да помислиме дека тоа го прави Агенцијата на своја рака, или од некои навистина нејзини пари, ама токму тоа и е проблемот.
Повторно државата помага таму каде што мисли дека треба да помогне, ама тоа повторно го прави селективно и најблаго речено – нејасно. На пример, за радиодифузерите, и тоа и комерцијалните и непрофитните (од кога тоа тие две категории се ставаат во ист кош?), за (наводно) „…заштита на своите вработени преку набавка на заштитни средства, за трошоци поврзани со производство, набавка и емитување на програма, за санирање на негативните последици врз нивното економско работење поради коронавирусот и овозможување нивно непречено функционирање“ (sic!).
Добро, можеби не е доволно јасно на кој тоа начин на радиодифузерите им пречи коронавирусот за „нивно непречено функционирање“, ама ајде да речеме дека е така, плус со тие пари ќе купат заштитни средства за неколку генерации однапред, ама и тоа ајде нека е така, но што пак сега АВМУ им дава пари – и тоа некаква цркавица – на МВР и Министерството за здравство? Она пак на ЈРС Македонска радио телевизија (sic!), цели 30 милиони денари… мислам… за што?
Го читам и г-динот Наумов (директор на Развојната банка), за кредитирањето – бескаматно, се разбира – на (наводно) најпогодените „бизниси“ (угостителство, туризам, товарен транспорт…), ама повторно ја нема културата. Таа не е погодена, или не ѝ требаат кредити, или таа не му треба на ова општество/држава, итн. Иако г-динот Наумов остава некаква заднинска резерва дека „…поддршката со бескаматните кредити ќе продолжи и ќе се прошири на другите сектори кои дополнително ќе се утврдат“ (sic!). Што е добро, како надеж, нели, особено заради фактот што г-динот Наумов едно време беше познат како близок до културата!
И Владата уште минатата недела извести дека ќе обезбеди директна финансиска поддршка за задржување на ликвидноста на микро, малите и средните компании (sic!) и субвенционирање на придонесите за април, мај и јуни, како дел од првиот сет мерки за справување со последиците од пандемијата. Добро, ама но кои и какви, од која област микро, мали и средни компании, дали и на оние кои исправаат влакна ама ќе им текне да аплицираат, или можеби имаат некој близок до Владата, дали тука се вбројуваат и сите оние кои и на сите други можни начини низ годиниве добивале субвенции по разни други основи, и што значи дека сите мора да штедиме (sic!) – па ние, ако тука се мисли на народот, ништо друго и не правевме во овие три децении – и дали и на МПЦ ќе ѝ се дадат субвенции заради загубени/спречени верници, со што барем времено ќе се стопираат оние „попски конвои“ низ градовите во внатрешноста, и дали… и дали… и дали целата оваа ситуација со пандемијата кај нас не започнува да заличува на некаков лош театар на апсурдот?
Немаат ли, на пример, македонските издавачи/книжарници загуби во ова време и во какви бизниси се сметаат тие? Или не се сметаат никаде? Да, некои издавачи се богами и те како големи „бизниси“, особено оние во континуирана соработка со Министерството за култура, ама има и такви кои реално можат да се сметаат за сериозни, компетентни, престижни „фирми“. Саемите на книги, писателите, преведувачите… не трпат ли штети?
Во Австрија се бара т.н. „disaster fund“, претседателот на германското Здружение на писатели бара податоци со цел од властите да измолкне фонд за помош на писателите фриленсери… првиот пакет во Данска (за фриленсери во културата) изнесува 113 милиони евра. Во Франција се планирани 22 милиони евра како почетна помош (10 милиони евра за музичкиот сектор, 5 за изведувачките уметности, 5 за секторот книга и 2 за визуелните уметности…
Па нели и ние сака(в)ме да бидеме дел од таа Европа?