СИБИР „ВРИЕ“ Пожарите беснеат, луѓето се гушат, а научниците велат дека ова е само почеток (ВИДЕО)

Пожарите зафатија 800.000 хектари шума во Сибир, а најпогодена беше Јакутија, регион на северот каде со недели владее вонредна состојба, а научниците предупредуваат дека пожарите во овој дел на светот ќе имаат долгорочни последици.

2,129

Руската војска испрати авиони „вооружени“ со галони вода за да им помогнат на стотиците пожарникари кои се борат со шумските пожари во Сибир, регион познат по ледената тундра, кој сега буквално се топи.

Пожарите зафатија 800.000 хектари шума во Сибир, а најпогодена беше Јакутија, регион на северот каде со недели владее вонредна состојба, а научниците предупредуваат дека пожарите во овој дел на светот ќе имаат долгорочни последици.






Повеќе од 2.600 пожарникари водеа битка со пожарите во Јакутија во вторникот, каде пожарите избувнуваа се почесто во последните години, пренесува „Гардијан“.

– Се гушиме, белите дробови ни се отруени од чад – гласи една од двете онлајн петиции испратени од жителите на Јакутија до претседателот Владимир Путин.

Жителите бараат дополнителна опрема и луѓе за борба против пожарите.

Сезоните на пожари во Русија станаа сè пожешки во последните години, бидејќи секоја година температурите растат поради климатските промени. Оваа година беа регистрирани нови рекорди во температурата во сибирската тундра.

– Ризикот од пожар сериозно се зголеми во целата земја поради ненормалниот топлотен бран – рече министерот за одбрана Сергеј Шојгу.

Путин му нареди на Министерството за одбрана да им помогне на локалните власти, додека армијата испрати неколку Иљушин Ил-76 кои можат да истурат вода од воздух, со цел да ги изгаснат пожарите, рече Шојгу, но тој не прецизираше точно колку авиони се испратени.

Минатата недела едно лице загина, а десетици рурални домови беа уништени во пожари во централниот регион Чељабинск.

Пожарите во Сибир го зголемија стравот дека мочуриштата и тресетите може да ослободат јаглерод што замрзната тундра долго време го чуваше.

Пепелта од пожарот може да ги покрие блиските наслаги на снег и да ги загади толку многу што снегот може да апсорбира многу повеќе сончево зрачење и да се загрее побрзо отколку порано.

Шумските пожари во Јакутија во 2019 и 2020 година достигнаа рекордна емисија на стакленички гасови што се шират низ регионот, според „Коперникус“, кој служи за следење на атмосферските промени, што е дел од програмата на ЕУ.

Во изминатите шест недели пожарите во регионот произведоа околу 150 мегатони еквивалент на јаглерод диоксид, што е скоро еднакво на годишните емисии на фосилни горива во Венецуела од 2017 година, изјави Марк Парингтон, научник од „Коперникус“.

– Ние сè уште собираме податоци за да утврдиме што значи тоа за климата – рече тој.

– Оваа година не видовме толку многу пожари во рамките на Арктичкиот круг, но започнавме да регистрираме жаришта и многу чад во последните три или четири дена – додаде Парингтон.

Русија собори неколку рекорди кога станува збор за температурата. Москва го помина најжешкиот јунски ден во последните 120 години со температура од 34,7 степени Целзиусови. Во Сибир, во градот Јакутск, во една точка беа измерени 35 степени, додека градот Веркојанск, едно од најстудените места на земјата, се „вареше“ со температура над 30 степени.

– Температурите се многу високи, од 8 до 10 степени над нормалното. Навистина е невообичаено температурите да бидат толку високи на северот на земјата – рече директорот на националната метеоролошка служба, Роман Вилфанд, додавајќи дека температурата треба да падне во наредните денови и очекуваниот дожд треба малку да го намалат ризикот од нови пожари.

Слична ситуација доведе до масовни шумски пожари во Канада и американскиот северозапад. Горат скоро 60 пожари во 10 американски држави, а најголемиот во Орегон, проголта област двојно поголема од градот Портланд.

– Овие пожари ќе продолжат да се случуваат поради климатските промени – рече Андреј Пеголев, шеф на шумската програма на рускиот огранок на агенцијата за заштита на природата „WWF“, и предложи дополнителни инвестиции во противпожарните служби.

Поврзани содржини