СИ ЗАМИНА И ЧАРЛС СИМИЌ Големиот поет остави зад себе импозантен опус
Добитник е на Пулицеровата награда, како и на Златниот Венец на поезијата. Како преведувач Чарлс Симиќ е особено значаен за популаризација на поезијата од јужнословенските земји. На англиски препеал и една збирка поезија од Славко Јаневски.
Големиот американски поет од српско потекло Чарлс Симиќ, носител на највисоки признанија во САД и во светот, меѓу кои и на Пулицеровата награда, како и на Златниот венец на СВП, почина во 85-та година од животот.
Чарлс Симиќ е роден како Душан Симиќ во 1938 година во Белград. Во 1953 година со семејството се сели во САД. Песни почнал да пишува во средно училиште. На неговите поетски почетоци особено влијаеле американските поети Волт Витмен, Емили Дикинсон, Волас Стивенс и др. Неговата прва стихозбирка „Што вели тревата“ (1967) одлично е примена од страна на критиката.
Како преведувач е особено значаен за популаризација на поезијата на значајни поети од јужнословенските земји. На англиски превел поезија од Васко Попа, Иван В. Лалиќ, Љубомир Симовиќ, Милорад Павиќ, Бранко Миљковиќ, Новица Тадиќ, Радмила Лазиќ, како и три антологии на модерна српска поезија, Славко Михалиќ од Хрватска, Томаж Шаламун од Словенија. На англиски препеал и една збирка поезија од Славко Јаневски (2002).
Од 1973 година бил професор на универзитетот во Њу Хемпшир, каде предавал американска книжевност и креативно пишување. Живееше во Стафорд, Њу Хемпшир.
Во својата плодна кариера Симиќ има објавено повеќе од 30 збирки поезија и есеи, а добитник е на голем број признанија и награди, меѓу другите и Златниот Венец на Струшките вечери на поезијата.
„Имав чест во 2012 година, пет години пред да стане струшки лауреат, да ја приредам и преведам на македонски и да ја објавам во ,,Везилка“ неговата стихозбирка „Несоница“. Подоцна, едно прекрасно пладне во Белград, Чарлс Симиќ ми потпиша посвета на македонското издание на ,,Несоница“. Поетите живеат во и со нивните песни. Замина Чарли во легендите а нам, стаписани, ни остави незаменлив незаборав – неговите песни“ – напиша по повод смртта на Симиќ макеоднскиот новинар, писател и поет Ристо Лазаров.
Еве едно мало потсетување на неговиот поетски сензибилитет:
ИМПЕРИИ
Баба ми го прорече крајот
На вашите империи, еј глупаци!
Таа пеглаше. Радиото беше вклучено.
Земјата се тресеше под нашите нозе.
Еден од вашите херои држеше говор.
,,Чудовиште“, го нарече таа.
Имаше почесен плотун аплаузи за чудовиштето.
,,Ќе го убијам со голи раце“,
ми кажа мене.
Немаше потреба од тоа. Сите тие
И онака еден ден ќе одат по ѓаволите.
,,Немој никому да си му кажал за ова““,
Ме предупреди таа.
И ми го истегна увото да се убеди дека ја разбрав.
(Чарлс Симиќ)
Тишината е јазикот на кој Бог зборува
Незаборавни се неговите инспиративни мисли и сентенци. Еве само дел од нив:
„Највисоките нивоа на свеста се без зборови“.
„Светот е убав, но не може да се каже. Затоа ни е потребна уметност“.
„Оној што не може да завива, нема да ја најде својата глутница“.
„Тајната желба на поезијата е да го запре времето.
„Градев светилник во моето празно шише додека сите други градеа бродови“.
„Кога луѓето ме прашуваат како да ја најдат среќата во животот, јас им велам: Прво научете да готвите.“
„Очигледна вистина е дека ќе умреме. Еве ме, млад вид опкружен со неограничен простор и време, кој се расправа со сета креација, ми ја тресе тупаницата, плука, понекогаш дури и станува елоквентен, а потоа – пуф! Ме нема. Избришано еднаш засекогаш. Мислам дека е многу, многу смешно“.
„Поезијата е сирак на тишината. Зборовите никогаш не се изедначуваат со искуството зад нив“.
„Ако верувам во нешто, тоа е во мрачната душевна ноќ. Страхопочит е мојата религија, а мистеријата е нејзината црква“.
„Поезија: Три неусогласени чевли на влезот во темната уличка“.
„Човекот пишува затоа што е трогнат од копнеж и очај некогаш да го допре Другиот“.
„Вистината е темна под твоите очни капаци“.
„Само поезијата може да ја измери растојанието меѓу нас и Другиот“.
„Спиев малку, многу читав и често се вљубував.
„Се бара: игла доволно брзо за да ја сошие оваа песна во ќебе“.
„Песната е покана за патување. Како и во животот, патуваме за да видиме свежи глетки.
„Тишината е јазикот на кој Бог зборува“.
„Ѕвездите знаат сè, затоа се обидуваме да им ги читаме мислите. Колку и да се далеку, ние избираме да шепотиме во нивно присуство“.
„Поемата што сакам да ја напишам е невозможна. Камен што лебди“.