СИ РЕКОВ, КАСТРИОТ, НАБЛИЖУВА ДЕНОТ Реџепи ја објаснува одлуката на ЕУ за Македонија
Сè уште опстојувам во моето убедување за европска Северна Македонија и со мојата одлука придонесов да имаме стабилно мнозинство во парламентот без никакви политички кризи, изјавил пратеникот Кастриот Реџепи за „Фокус“.
Сè поизвесно е дека се наближува денот кога ќе добиеме датум за преговори со Европската Унија, а тоа може да се случи уште во јануари следната година, вели пратеникот Кастриот Реџепи во изјава за „Фокус“.
– Сè уште опстојувам во моето убедување за европска Северна Македонија и со мојата одлука придонесов да имаме стабилно мнозинство во парламентот без никакви политички кризи. Тоа значи дека ние сме стабилни и подготвени за решение со Бугарија. Имајќи предвид декa Советот на Европа испрати јасна порака дека со нетрпение очекува одржување на првата меѓувладина конференција помеѓу Северна Македонија и Бугарија, а тука е и изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков дека ќе се залага силно за решавање на пречките помеѓу двете држави за веќе да нема блокади, се докажува дека е сè поизвесно дека се наближува денот кога ќе добиеме датум за започнување на пристапни преговори – изјавил Реџепи.
Токму Кастриот Реџепи, кој беше пратеник на Движењето Беса, не се појави на собраниската седница на која требаше да се гласа недоверба на владата. Откако цел ден го немаше никаде и откако лидерот на неговата партија Билал Касами го пријави во полиција како исчезнат, Реџепи испрати видео-порака и рече дека „висок функционер на ЕУ му потврдил дека датум ќе добиеме на 14 декември“, па затоа, како што истакна, одлучил да не се појави во Собранието и да не гласа за недоверба.
Засега сè уште не е познато името на тој висок функционер кој очигледно го прелажал Реџепи, иако, по неколку дена од неуспешниот обид да се турне владата, самиот пратеник изјави дека неговата сопруга гледала телевизија и го слушнала францускиот претседател Емануел Макрон како зборува за датум за Македонија.