СИ МУ С’РЖА НА ТРАМП ЗА ТАЈВАН Не исклучува сила, но „конфликтот им штети на сите“
Фактите уште еднаш покажуваат дека двете страни имаат корист од соработката, а конфликтот им штети на сите, истакна кинескиот претседател откако рече дека враќањето на Тајван во рамките на Кина е клучен дел од повоениот меѓународен поредок.
Кина испрати остро предупредување до Вашингтон преку телефонски разговор меѓу претседателот Си Џинпинг и американскиот лидер Доналд Трамп. Си подвлече дека враќањето на Тајван во рамките на Кина е клучен дел од повоениот меѓународен поредок, јави државната агенција Ксинхуа.
– Кина и САД некогаш се бореа рамо до рамо против фашизмот и милитаризмот, а сега треба да ги заштитат резултатите од Втората светска војна – изјави Си.
Претставник на Белата куќа потврди дека разговор навистина се одржал, но без дополнителни детали.
Пекинг традиционално го смета Тајван за своја територија и не ја исклучува употребата на сила за повторно обединување, додека властите во Тајпеј тврдат дека само народот на островот може да одлучи за својата иднина.
Меѓутоа, дипломатските тензии во регионот растат. Јапонската премиерка Санае Такаичи изјави дека можен напад на Кина врз Тајван би можел да предизвика воен одговор на Токио. Тоа ја втурна Кина во најголемата криза со Јапонија во последната деценија.
Си и Трамп последен пат се сретнале во Јужна Кореја на 30 октомври, по месеци трговски судири предизвикани од царинската политика на Трамп. О
ттогаш, Кина продолжи со купување американска соја и го стопираше проширувањето на забраните за извоз на ретки минерали, додека Вашингтон ги намали царините за кинеските производи.
– Фактите уште еднаш покажуваат дека двете страни имаат корист од соработката, а конфликтот им штети на сите – истакна Си, додавајќи дека двете земји треба да го одржат позитивниот моментум и да ја прошират соработката.
Понатаму, двајцата лидери разговарале и за војната во Украина. Си ја потврдил поддршката за сите напори за мир и ги повикал сите страни да ги надминат недоразбирањата.