Околу 1.000 пушки означени како „цивилни ловечки пушки“, пиштоли и панцири му испраќал кинескиот претседател Си Џинпинг на Владимир Путин преку Турција уште за време на минатото лето, дознава Политико. Сега, кога тие треба да се сретнат и два дена (од 20 до 22 март) да зборуваат за овие нешта, нивниот евентуален договор за воено помагање може да го смени текот на војната.
Меѓу пратките кои Русија ги добила сеа и 12 пакети со беспилотни летала од кинески компании и над 12 тони кинески панцири, кои пак стигнале лани кон крајот на годината. Царинските податоци до кои дошле од Полититко сугерираат дека голем дел од опремата била намерно пријавена како опрема за двојна употреба, ем за комерцијални, ем за воени намени.
Кинески М-16, дронови, панцири…
Дел од испратената опрема била користена од кинеската полиција. Сепак, пушките CQ -A, кои биле означени „цивилни“ се направени според познатиот модел М-16 на автоматска пушка. Меѓу компаниите кои ги испорачале пушките се спомнува и „China North Industries Group Corporation Limited“, еден од најголемите државни изведувачи за одбрана во земјата.
Експертите неодамна ги коментираа наводите дека украинските сили срушиле дрон Мугин-5 од кинеско производство, што го потврди и самата компанија. Се смета дека досега во војната и двете страни користеле вакви дронови кои некои ги нарекуваат „Али баба дронови“ бидејќи наводно се достапни за купување на интернет за сума од околу 15.000 долари.
Светот ја чека средбата на Си и Путин. Но, истовремено, Западот го храбри украинскиот претседател Володимир Зеленски да се сретне со Си. Според Белата куќа тоа би било добра работа за Кина да го преиспита својот став за војната.

Белата куќа е против прекин на огнот?!
Но, интересно е што Белата куќа не смета дека Зеленски и Си треба да договорат прекин на огнот, бидејќи тоа на Русија би ѝ дало време да здивне, да се консолодира и всушност, да се спреми за големата офанзива на пролет.
– Ние го поддржуваме тој контакт и отсекогаш го поддржувавме, но Кина мора да го намали притисокот за прекин на огнот во Украина бидејќи тоа и помага на руската агресија… Иако инсистирањето на Кина на потребата од прекин на огнот звучи сосема разумно, таа всушност би можела да го ратификува руското освојување. Тоа ефективно ќе ги признае придобивките на Русија и ќе претставува уште едно континуирано кршење на Повелбата на ОН – изјави портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби и додаде:
– Прекинот на огнот ќе ѝ овозможи на Москва дополнително да ги консолидира своите позиции во Украина, да ги обнови своите сили и да ги преквалификува за да можат повторно да започнат напади во моментот што ќе го изберат. Трајниот мир не може да биде едностран, тој апсолутно мора да вклучува украински перспективи и одлуки.
Украина ќе бара одговорност од земјите кои ја помагаат Русија
Тешките битки во Бахмут траат, а двете страни во војната се спремаат за пролетната офанзива и покрај големите загуби и проблеми кои ги имаат. Одлуката на Кина дали и како ќе ја помага Русија може лесно да ги смени картите во играта.
Во интервју за Би-Би-Си, украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, вели дека „изборот на секоја нација во однос на руската инвазија ќе биде земен предвид кога станува збор за градење на идните односи“.
– Земјите што ја предадоа Украина ќе одговараат за тоа по завршувањето на војната – изјави тој.