СИ КУПУВАЛА, ЧОРАПИ, ХУЛАХОПКИ, МЕЧИЊА, КУФЕРИ Лефков го откри серијалот „Бисера Антоанета“ за поранешната министерка за култура

Според пресметките, за лични приватни потреби „Бисера Антоанета“ потрошила 714 фунти, или 51.169 денари, за 4 дена во Лондон, пари со кои во Македонија се храни цел месец едно четиричлено семејство.

2,162

Миле Лефков, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, ја обвини поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска за трошење народни пари при посета во Лондон, скандал кој тој го нарече „Бисера Антоанета“.

– Денес почнуваме со обелоденување на скандалот „Бисера Антоанета“, серијал на прес конференции низ кои ќе презентираме во каква аздисаност и раскош живеела и министерувала Бисера Костадиновска Стојчевска, пардон „Бисера Антоанета“, министер за култура од СДС. На почеток сакаме да нотираме дека согласно Уредба е регулирано трошоците кои ги прави министерот за култура на месечно ниво да не можат да надминат 60 евра во денарска противвредност. И дека истите треба да направат раздолжување во благајничката каса во рок од 7 дена по завршувањето на службениот пат – вели Лефков.






Тој посочува дека „Бисера Антоанета“ во неколку наврати го пречекорила дозволеното ограничување, а се раздолжувала и по неколку месеци.

– Ова е само вовед. Суштината е во деталите, а тоа во овој случај е како се трошени средствата на граѓаните од страна на „Бисера Антоанета“. Денес ќе го презентираме првиот случај. Имено, во октомври 2023 година, министерката „Бисера Антоанета“ остварила службено патување во Лондон во траење од 4 дена и тоа од 24.10.2023 до 27.10.2023 година. Покрај трошоците направени за хотелско сместување, во патниот налог има приложено сметки за репрезентација. Но, при уводот на содржината на сметките за репрезентација и увидот во приложените сметки од службената картица ВИЗА, се констатира ненаменско трошење на буџетски средства спротивно од прописите – открива Лефков.

Според него, „Бисера Антоанета“ потрошила 714 фунти, исклучиво за лични потреби. Во Продавницата „Gift Galore London“ потрошени се 89 фунти и купени се фудбалска топка „City football“ и плишено мече „Paddington bear“ и двете платени од службената картичка ВИЗА.

– Шопинг манијата на „Бисера Антоанета“ не запрела тука, туку продолжила и во познатата продавница за куфери „Samsonite“, каде министерката со средства од Буџетот решила да се поднови со два куфара еден голем „Upscape spiner 68/25 Black“ во износ од 219 фунти од службената картичка и еден помал од истата линија, во износ од 59 фунти, платен во кеш од службените парични средства. Нормално, за да можеме да ја наречеме „Бисера Антоанета“, трошењето морало да продолжи. Таа со народни пари пазарела во „Mарк & Спенсер“, каде потрошила 42 фунти за чорапи и хулахопки платени во кеш од службените парични средства. Во „Gift Box# во Лондон, продавница за подароци, потрошени се 146 евра од службената картичка ВИЗА. За ова трошење нема доставена никаква сметка, тука само слипот од платежната картичка. Исто така, потрошени се 158 фунти, платени во кеш, од службените парични средства, во „Warner Bros. Studio Tour London: Harry Potter“, за подароци како што се раквици, маички, ташна за милениче, изгубената дијадема и слично – истакна пратеникот.

Спорд пресметките, вкупно, за лични приватни потреби, „Бисера Антоанета“ за 4 дена во Лондон троши 714 фунти. или 51.169 денари, пари со кои во Македонија се храни цел месец едно четирчлено семејство.

– „Бисера Антоанета“ се расфрлала со народните пари, за лични задоволства. Ова е само почеток, во наредните неколку дена ќе покажеме до каде одела раскалашеноста на „Бисера Антоанета“ и зошто велиме дека Македонија е ограбена држава – рече Лефков.

Поврзани содржини