СИ КУПУВААТ ФИЛЕРИ ОД „АЛИ ЕКСПРЕС“ И САМИ СЕ БОЦКААТ Лекарите бараат законски измени за да ги заштитат пациентите од маалски надрилекари
Лекарите сведочат дека им дошла пациентка со распаднат задник од вбризган филер, дека козметичарка ѝ дала инструкции на пациентката сама дома да си стави половина доза од филерот и слично.
Здружението за естетска медицина (ЗЕМ) иницира измена и дополнување на Законот за јавно здравје во делот на медицинските процедури поврзани со естетиката откако многу пациентки завршиле со несакани последици поради тоа што самите си ставале филери или тоа им го препуштиле на нестручни лица.
Со предложените измени ќе се ограничи можноста за извршување естетски медицински интервенции од лица кои немаат медицинска квалификација, со што ќе се зајакнат стандардите за безбедност и квалитет во оваа област.
– Естетската медицина е единствена гранка во медицината во која пациентот е здрав и доаѓа доброволно на лекар. И не е во ред од пациент со нормален изглед да си замине со проблеми. На Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија доаѓаат пациентки со последици, откако си ставиле сами филери од „Али експрес“ или се боцкаат по маалски козметички салони – рече д-р Игор Пеев, пластичен хирург, на денешната прес конференција на која беа промовирани предложените измени.
Лекарите сведочат дека им дошла пациентка со распаднат задник од вбризган филер, дека козметичарка ѝ дала инструкции на пациентката сама дома да си стави половина доза од филерот и слично.
– Законот во моментот не одредува кој точно може да ги извршува овие интервенции, а во друг дел кажува три специјалности. Постојат повеќе начини тоа да се регулира, повеќе модуси. Ние сме отворени за соработка, како фела што се бави со оваа дејност повеќе години, да најдеме начин тие да се одредат. Не само лицата туку и начинот на нивна квалификација, бидејќи не секој доктор е квалификуван и доквалификуван да работи во полето на естетската медицина – рече д-р Пеев.
Д-р Анџелка Илиева, специјалист по дерматовенерологија, вели дека хијалуронски филер е медицинско помагало еднакво на стент во кардиохирургијата и секое негово користење од немедицинско лице и во нестерилни услови се смета за надрилекарство.
– Последиците од нестручен третман можат да бидат навистина сериозни. Започнувајќи од ткивни инфекции, комликации на кожата кои можат да доведат и до сепса, понатаму запушување на крвни садови поради кои може да доведе до изумирање на дел од ткивото со трајни последици, ботулизам итн… Така што последиците се навистина сериозни. За жал, дел од нив се и ревирзибилни како што е на пример слепило кое може да биде предизвикано како последица на запушување на крвен сад – рече д-р Илиева.
Иницијативата вклучува и измена и дополнување на Законот за јавно здравје, особено во сегментот на неговата застареност и недореченост, што во пракса дозволува несоодветна примена и го загрозува здравјето на пациентите при изведување на медицински процедури од немедицински лица. Како на пример во член 33 од Законот, под активности со кои се продира под кожа, под иста капа се ставаат тетоважите, пирсингот, акупунктурата и сл., заедно со инјектирање филери, ласерски процедури, липосукција и други медицински интервенции.
– Нестручни лица, водејќи се од лукративни побуди за брза заработувачка, секојдневно носат ризици по здравјето на луѓето. Сериозни компликации настануваат од нивната нестручност при изведување медицински процедури, а има и можност за ширење заразни болести како што се ХИВ, хепатит и бактериски инфекции од кои произлегуваат целулити и други длабоки инфекции на кожата – објаснуваат докторите.
Подносители на измените на законот се три стручни здруженија од оваа област: Здружение на дерматовенеролози на Мaкедонија, Македонската асоцијација на пластични, реконструктивни и естетски хирурзи и Здружението за естетска медицина.
Во насока на подигнување на свеста и стручната едукација, на 22 февруари 2025 година во Скопје ќе се одржи Шестиот симпозиум за естетска медицина со меѓународно учество.
На граничниот премин Деве Баир царинските службеници лани во август спречија обид за криумчарење на 300 парчиња филери REVOLAX, во вредност од 9.000 евра.