СИ КУПИВТЕ НЕШТО ЗА „БЛЕК ФРАЈДЕЈ“? Проверете сега да не ви шитнале приказна за попуст наместо производ со намалена цена

Новиот закон вели дека е најважно за време на попустите на производите да се истакнуваат две цени - за последната намалена и за актуелното намалување, за да се види јасно дали означениот процент на попуст е точен. Многу важно е да се разграничат тоталната распродажба и сезонскиот попуст.

872

Намалувањата на цените на производите, кои се актуелни на крајот на годината, ја креваат потрошувачката треска и во услови на криза. Граѓаните се задоволни што ќе купат поевтин производ, а трговците се надеваат на поголема заработка и на намалување на резервите. Но и едните и другите малку знаат за новите права и обврски од новиот Закон за заштита на правата на потрошувачите, кој стапи на сила пред 15 дена.

Во текот на изминатиот викенд, за време на „црниот петок“ и потоа, само книги и некои мали апарати за домаќинството можеа да се купат со намалување од 60 или 70 отсто. Останатите производи беа со намалување од 10 до 50 отсто. Попусти во продавниците има редовно, па потрошувачите не знаат дали го фатиле намалувањето од „црниот петок“ или е станува збор за некој „редовен попуст“.






Оди снајди се…

– Дојдов да купам клима инвертер. Има попуст назначен како „црн петок“, но и редовен, кој зпочнал пред тоа. Оди снајди се. За разлика од други години, овој пат најголемиот попуст за овој производ е 35 отсто. За одделни брендови попустите се 10, 11 или 15 отсто. Најмал попуст од грејните тела имаат шпоретите на пелети, само 5 отсто. Некаде велат дека е за „црниот петок“, некаде зборуваат за редовен попуст. Кој да ги знае? Но, добро е што трговците се откажуваат и од некој процент заработка, па имаме шанса да пазариме по пониски цени. Јас помалку ќе платам, а тие ќе добијат купувач плус. Скоро сите продаваат и на рати, па кредитните картички се на цена. Сега ќе ја искористам, а после ќе му ја мислам за каматата – вели еден скопјанец кого го сретнавме во салон за продажба на техничка стока.

Тој вели дека слушнал за некои измени во Законот за заштита на правата на потрошувачи, но не знае колку од трговците го почитуваат, бидејќи не се знае кој производ е намален за „црниот петок“, а кој пред тоа.

– Според она што видов, има две цени на еден производ, но и два попуста во исто време – „блек фрајдеј“ и редовен попуст. Колку од нив се совпаѓаат, не можам да кажам. Не знам дали е така по новиот закон и дали намалената цена е последна. Кога имам некаков сомнеж, прво реагирам кај трговецот, а потоа во пазарна инспекција. Скоро никогаш не прашувам во организацијата на потрошувачи, но сега ќе треба за новините повеќе да се јавувам таму, бидејќи тие треба да се во тек со измените и да го прочитам законот – додава купувачот.

Попустот 20 отсто, цената иста?!

Некои граѓани велат дека одделни трговци не ги напушта желбата да заработат, па и овој пат манипулираат со цените.

– Не знам колку закони и високи казни да се донесат, тие не се откажуваат од заработката. На секој начин се обидуваат да не излажат. Според она што го слушнав, треба на производот да има две цени. Да има две цени, ама не знам намалената дали е последна. Еве, до неодамна џемперот што го чекав на попуст чинеше 2.000 денари. Чекав да дојдат попустите, ама пак треба да избројам иста сума. Гледам попустот е 20 отсто, а цената иста. Тоа 20 отсто значи има врска со првите две цифри од претходната цена – се шегува скопјанка.

Трговците, пак, очекуваат помал промет годинава, поради кризата. Новите законски обврски се обидуваат да ги применуваат во ôд, бидејќи времето на попусти почна.

– Потрошувачи има, вообичаено за денови на попусти. Имавме малку повеќе посетители, но повеќето од нив само гледаат. Оние, пак, што наумиле да купат не се двоумат и купуваат. Секој знае каде кое парче ќе го купи. Не знам каков ни е прометот, но се надеваме дека ќе биде подобар од лани. Во врска со новите измени на Законот за потрошувачи, знам дека стапија неодамна и многу е краток периодот да се усогласиме со нив. Се адаптираме во ôд. За истакнување на две цени беше лесно. Тоа го правевме во нашиот објект и порано. Но, да отвораме книга на поплаки… Најверојатно тоа ќе го направиме подоцна. Го одвоивме овој попуст како „блек фрајдеј“, но имаме и претходен попуст, па малку тешко е граѓаните да се снајдат. Тоа, верувам, ќе го решиме наскоро, според она што се бара од нас, бидејќи во наш интерес е граѓаните да имаат доверба во нас. Ако имаме пропусти, а веројатно ги имаме, очекуваме и инспекторите да имаат разбирање, бидејќи законот стапи на сила неодамна и ни треба време за организирање – вели еден трговец.

Што вели новиот закон?

Од Организацијата на потрошувачи велат дека ќе треба малку време за да се почувствува примената на новите измени на Законот за потрошувачи.

– Изминаа само 15 дена од неговото стапување на сила. Периодот е краток, како за подготовка на потрошувачите, така и за трговците и за инспекциските служби. Сите сега го читаме и се обидуваме колку што е можно подобро да се примени. Новиот закон вели дека е најважно за време на попустите на производите да се истакнуваат две цени – за последната намалена и за актуелното намалување, за да се види јасно дали означениот процент на попуст е точен. Многу важно е да се разграничат тоталната распродажба и сезонскиот попуст.. Има новина и во однос на поплаките на граѓаните. Сега веќе трговците ќе треба да водат евиденција и да реагираат на она што се жалат потрошувачите и други измени кои се важни да се применуваат и се во прилог на граѓаните. Но, како што реков, треба работа на ова поле, за да можеме да кажеме дека законот се применува – вели претседателката на Организацијата на потрошувачи, Марија Лончар Велковска.

Пресметките колку заработуваат трговците од намалените цени, главно остануваат непознати. Лани на пример, само за црниот петок трговците заработиле три пати повеќе од обичниот петок.

ИНСПЕКТОРИТЕ СЕ „СКРШИЛЕ“ ОД РАБОТА

Според податоците објавени на веб-страницата на Државниот пазарен инспекторат, само во последнава недела, вклучувајќи го и викендот на попусти, Инспекторатот донел 71 решение за прекршување на повеќе закони. За прекршување на законот за заштита на потрошувачи се дадени 11 решенија, а 4 решенија се за прекршување на Законот за трговија. Во изминатата недела издадени се вкупно 56 прекршочни платни налози, во кои нема ниту еден за прекршување на Законот за заштита на потрошувачи, но затоа пак има 10 за незаконско однесување според Законот за трговија.

Казните за лажно рекламирање се движат од 4.000 до 5.000 евра.

 

Поврзани содржини