СИ ГИ ЗГОЛЕМИЈА ПЛАТИТЕ ЗА 78%, ПА ПОСКАПЕА 1.000 ПРОИЗВОДИ ЗА 10% – ФЕР ЛИ Е ТОА? Замрзнатите цени ќе одмрзнат во декември, ама повисокиот данок ќе си остане

Зголемувањето на ДДВ за прехранбени производи е директен атак врз стандардот на најголемиот дел од граѓаните кои се сиромашни. Ова се сигнали дека нешто не е во ред со буџетот, па се прибегнува кон популистички политики кои се чини не даваат посакувани ефекти, критикуваат експертите.

651

Граѓаните се револтирани од начинот на кој владата ги изигра со последната одлука за зголемување на ДДВ за одредени прехранбени производи кои тие секојдневно ги употребуваат. Експертите велат дека колку и да е лоша состојбата во буџетот, членовите на Владата, кои ги зголемија своите плати, немаат легитимно право од граѓаните да го носат товарот за полнење на буџетот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара владата да ја преиспита одлуката за дел од производите за кои го зголеми ДДВ. Од Владата најавија соопштение, откако медиумите открија дека голем број од прехранбените производи поскапуваат, меѓутоа, не се луксуз за граѓаните.






Повикувајќи се на одлуката на владата објавена на 28 септември во „Службен весник“, медиумите објавија дека со повисока стапка од 10 отсто ќе се даночат сите видови замрзната риба, освен осличот, пастрмката и пангата, замрзнатите теста, млечните и сирни намази, сирењето и урдата, зденката, пармезанот, ајдемер и гауда кашкавалот, павлаката за готвење, растителните сирења и намази. Меѓу нив е и лутеницата, цвеклото, фефероните, мајонезот, сите видови апетисани, компотите, конзервираната храна, полнетите макарони, тортиљите, нудлите… Поскапуваат и храната за децата, гризот, овесните снегулки, муслите, сладоледот, еурокремот, сите видиви бонбони, чипсот. По нови повисоки цени ќе се продаваат и сите чаеви, тропското овошје, сите видови сушено овошје, сусамот, сончогледот, инстант кафињата, наполитанките, црниот бибер, мастиките, најголем дел од зачините.

Граѓаните се изненадени од одлуката на Владата да поскапи голем дел од производите, кои секојдневно ги употребуваат, со образложението дека се луксузни производи.

– Слушавме перки од ајкули, кавијар, не знам какви други луксузи, па излезе дека брашното, храната за деца, зачините, сирењето и други млечни производи стануваат поскапи. Е сега прашувам, зошто замрзнуваа цени, кога за нас е исто дали тие се замрзнати или не, бидејќи сè што го плаќавме и така поскапо сега стана уште поскапо? А гледам дека дел од производите кои ги објавија медиумите имаат и замрзната цена. Го прашувам министерот дали сирењето е перка од ајкула, дали бонбоните за децата се луксуз? Па да кога имаш плата од неколку илјади евра, ништо не те засега дали сметката во маркет ќе ти биде 1.000 или 1.500 денари. Е за нас, обичните луѓе, кои земаат минимална плата и да речам просечна плата тоа е голем секојдневен трошок – вели Лилјана А.

Експерти и познавачи на економските состојби во земјава велат дека владата сама си пукаше во нога и ги анулира мерките кои ги донесе претходно за намалување на ценовниот удар врз стандардот на граѓаните со замрзнување на цените.

– Последниот пакет мерки ќе има спротивен ефект врз она што го очекуваше владата. Храната е главниот дел на она што ја сочинува потрошувачката кошничка и ваквото зголемување на цените на дел од производите ќе значи нов удар за граѓаните или зголемување на трошоците за живот, што значи на инфлацијата. Тоа не е очекување кое го посакува владата – вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

Тој додава дека Владата е принудена на вакви потези, бидејќи реалната состојба на буџетот е далеку од она што го очекува Владата.

– Владата не сака да ја каже реалната состојба на буџетот која не е онаква каква што очекуваше. Вели дека на надворешниот пазар може да се задолжи без проблеми, а реално посега и се задоволува и со домашна обврзница од 10 милиони евра. Од една страна, намалува цени на прехранбени производи, а од друга страна очекува прилив на пари во буџетот од 70 милиони евра со зголемување на ДДВ за други прехранбени производи кои исто така се дел од потрошувачката кошничка. Ова се сигнали дека нешто не е во ред со буџетот, па се прибегнува кон популистички политики кои се чини не даваат посакувани ефекти – вели Хајредини.

Тој укажува и на расчекорот на плановите на Министерството за финансии во однос на растот на економијата и реалната состојба со растот на економијата.

– Светска банка веќе ја намали прогнозата за растот на економијата годинава и во следните години, но тоа е далеку од она што министерот за финансии Фатмир Бесими го најави како раст на економијата од 5,4 отсто за периодот 2023-2027 година. Тука може да се види дека желбите се едно а она што може да го даде економијата, во вакви услови, е нешто друго – вели Хајредини.

Професорот Здравко Савевски, пак, вели дека буџетот и неговата состојба не треба да бидат оправдување за ваквиот однос на владата кон граѓаните и нивниот стандард.

– За регулирање на приходната и расходната страна на буџетот има повеќе начини. Прво, треба тие да се применат, па дури потоа, откако ќе се увиди дека нема излез од состојбата, може да се размислува за мерки кои ќе им зададат удар на граѓаните бидејќи храната е главен параметар за нивниот стандард и значи осиромашување на најголемиот дел на граѓаните – вели Савевски.

Според него, членовите на Владата, кои ги зголемија своите плати за 78%, немаат легитимно право да им наметнуваат на граѓаните да плаќаат висока цена за полнење на буџетот.

– Со зголемување на платите на функционерите владата ја изгуби основата да носи мерки со кои предизвикува зголемување на трошоците на граѓаните. Додека оваа состојба не се промени и не ги врати платите на старото ниво, Владата нема образ да бара граѓаните да бидат дополнително втурнати во сиромаштија за да обезбеди пари за полнење на буџетот – вели Савевски.

Тој смета дека зголемувањето на ДДВ за прехранбени производи е директен атак врз стандардот на најголемиот дел од граѓаните кои се сиромашни.

– Со оваа мерка владата самата го анулира ефектот што сакаше да го постигне со мерката за замрзнување на цените на дел од прехранбените производи. Дополнително, проблем е тоа што одлуката за замрзнатите цени важи до декември, што значи потоа цените ќе растат, а одлуката за зголеменото ДДВ за другите производи во кои има и кои секојдневно се употребуваат нема граница на примена, значи трајно. Состојбава само укажува на тоа дека владата со замрзнувањето на цените сакала само да ја ублажи негативната реакција на граѓаните за зголемување на стапката на ДДВ за останатите прехранбени производи – додава Савевски.

И опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше и ја запраша владата како перките од ајкула станале брашно, детска храна, конзерви…

Партијата ја повика владата да ја коригира списокот на производи со зголемено ДДВ и сите производи кои се дел од секојдневната употреба да се вратат на 5%.

– Владата го донесе списокот на производи кои треба да се оданочуваат со 10% ДДВ наместо 5%. Тоа е трагичниот дел, затоа што во услови на највисока инфлација во изминатите децении, власта го покачува данокот за 100%. А комичниот дел е што на списокот на производи што од денес ќе биде со 10% наместо 5% ДДВ се наоѓаат и прехранбени производи кои се со замрзнати цени до 30 ноември оваа година – велат од партијата.

Поврзани содржини