Во рок од 10 минути шест пациенти имаа срцев застој, а четворица умреа, известува Си-ен-ен за ситуацијата од една њујоршка болница.
Болничкиот „Код 99“ е сигнал кој го известува медицинскиот персонал дека на пациентот му е потребна реанимација, се огласи пет пати за помалку од еден час.
– Толку се болни, што ги губиме во истиот момент. Разговараат со вас, а неколку минути подоцна им ставате цевче во грлото и се надевате дека ќе им поставите апарат за дишење за навистина да им помогнете – вели за Си-Ен-Ен, респираторниот терапевт Џули Исон.
Новинарите на Си-Ен-Ен посетиле една од трите болници во државата Њујорк во која сега исклучиво се лечат пациенти заболени од коронавирусот. Иако во ургентниот центар доаѓаат помалку луѓе отколку пред пандемијата, сите имаат ковид-19, а стапката на смртност е висока. Починале речиси 25 отсто од пациентите примени во болницата. Пациентите непрекинато доаѓаат во болницата во Бруклин, па медицинскиот персонал нема време за одмор. Лекарите тука се соочуваат само со пациенти кои се задушуваат поради коронавирусот, кој го зафати целиот свет, а кој, како што тврдат некои научници, во Њујорк се ближи до врвот.
Екипата на Си-Ен-Ен видела како медицински работник го завиткува во чаршаф телото на починат пациент, кое било однесено во рок од половина час. Потоа го дезинфицирале креветот и на истото место бил донесен друг пациент во критична состојба, со маска за кислород на лицето.
Од речиси 400 заболени од ковид-19 кои се примени во болницата, 90 отсто се постари од 45 години, а 60 отсто постари од 65. Најмладиот пациент е дете од три години. Опишувајќи ги младите пациенти во дваесеттите години, лекарот на итната помош д-р Лоренцо Паладино вели дека некои плачеле и гледале во празно.
– За нив ова е „Вовед во анатомија“, а не вистински живот. Ова не би требало да го гледаат – додава тој.
Иако се трудат да ја сочуваат смиреноста, лекарите, медицинските сестри, респираторните терапевти и болничкиот персонал кои се борат да ги спасат пациентите, не се навикнати на вакви искуства, на толку голем број на луѓе кои се гушат, честите итни повици и толку голем број на луѓе кои не можат да ги спасат.
– Обично има еден итен повик, кога е лош ден, можеби два, тоа е многу емотивно искуство и секогаш се прашувате дали сте сториле сѐ што можете. Мислам дека е многу тешко емоционално да се спремите за толку кратко време на вакво ниво на болест и страдање, морбидност и смрт. Мислам дека никој од нас не е добро подготвен за тоа – вели д-р Синтија Бенсон, која работи во ургентниот центар.
Од почетокот на пандемијата пред три недели, во универзитетската болница починале 94 лица.
Top story: Inside an ER during the coronavirus outbreak – CNN https://t.co/cWAzOzw0dd, see more https://t.co/7ltE52ZIlu
— Emilio Wilde (@emiliowilde) April 6, 2020