СИ ДОАЃААТ КАКО ВО ХОТЕЛ, ЕДЕН ЗАТВОРСКИ ДЕН НЀ ЧИНИ 1.000 ЕВРА! Затворските власти очајни, бараат повеќе пробација и условни казни

Директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов посочи дека пробацијата во Македонија постои веќе шест години, но не се користи доволно.

821

Во моментов има повеќе од 900 лица на кои им се изречени пробациски мерки, а системот има капацитет да опфати уште многу повеќе, нагласија учесниците на работниот состанок на тема „Пробација и условен отпуст“, кој се одржа денеска во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во Скопје.

Директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов посочи дека пробацијата во Македонија постои веќе шест години, но не се користи доволно.






– Таа живее, меѓутоа има многу поголем капацитет и многу почесто и подолги треба да бидат тие условни отпусти. Бројките покажуваат дека низ македонските судови има 430 осудени лица со А третман и 330-340 со Б2 третман. Не велам дека сите треба, но, најголем дел од тие осудени лица можат да бидат на условен отпуст. Нормално, претходно со препорака од секторот за ресоцијализација во затворите и од директорите на македонските затвори – рече Пандов.

Тој го нагласи и економскиот аспект на проблемот.

– Еден осуденик месечно не чини околу 1.000 евра. Одговорно тврдам дека не е мал бројот од овие 750 луѓе што нас нѐ чинат како општество. Одат таму и се однесуваат како во хотел, ги храниме, ги чуваме. Земаат човечки ресурси, ангажирани се луѓето од ресоцијализација, а исто така и од затворската полиција – рече тој.

Директорот Пандов посочи дека соработката со невладини организации е активна, а пробациските мерки се следат според видот на делото – од домашно насилство до злоупотреба на наркотични средства. Тој информираше дека има над 100 барања за прекин на пробацијата кои најчесто се поради непочитување на препораките од страна на осудениците.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, ја истакна важноста на ресоцијализацијата.

– Со овој чекор правиме една позитивна работа во промовирање на условниот отпуст и пробацијата која што е подолг период во нашата држава согласно законските прописи. Целта на казнувањето не е секогаш казната сама по себе, туку и ресоцијализацијата и рехабилитацијата на сторителите на кривични дела, а секако, условниот отпуст игра доста важна улога во таа насока – рече Камбовски.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Трајкоска Стрезоски ја нагласи улогата на Академијата.

-Ние како академија сме тука присутни да им дадеме поддршка на судовите и судиите кои што ги работат овие алтернативни мерки и санкции, секако и во процесот на едукација – рече таа.

На настанот присуствуваа претседатели на кривични оддели од апелационите судови, претседатели на основни судови и судии кои работат на условен отпуст.

Поврзани содржини