СИЉАНОВСКА РЕАГИРАШЕ ЗА ВТОРАТА „НЕНАУЧЕНА ЛЕКЦИЈА“ Сцените од натпреварот Шкендија – Карабах се реприза на кумановската трагична приказна

113

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вечерва во објава на Фејсбук насловена како „Ненаучена лекција“ реагираше на синоќешните националистички скандирања на навивачите на Шкендија за време на натпреварот со Карабах на Националната арена.

Во објавата, претседателката посочува дека само со заедничка доследна и бескомпромисна битка со шовинистичките изблици, без оглед чии се, ќе градиме здраво општество.






„Сеопштата осуда на навивачкиот примитивизам на сите ни влеа надеж за цврста решеност за справување со овој неспортски феномен. Просветителски звучеа апелите за ставање крај на националистичките и шовинистички повици од трибините. Но, вчерашните сцени од меѓународниот натпревар Шкендија – Карабах беа реприза на кумановската трагична приказна. Хипокризија и цинизам е селективното реагирање на неспортскиот вандализам. Само со заедничка доследна и бескомпромисна битка со шовинистичките изблици, без оглед чии се, ќе градиме здраво општество“, пишува Сиљановска Давкова.

Претходно, претседателката реагираше и на скандирањата на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово во саботата, посочувајќи дека е неспортски да се злоупотребува спортскиот терен за „вежбање“ говор на омраза и навредување.

Навивачите на Шкендија синоќа во повеќе наврати за време на натпреварот со Карабах на Националната арена скандираа „Илирида“ и „Голема Албанија“.

Министерството за внатрешни работи претходно соопшти дека ќе ги санкционира евентуалните националистички испади, по несоодветното навивање на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово во саботата.

Поврзани содржини