СИЉАНОВСКА ДАВКОВА СЕ СРЕТНА СО ТРАМП ВО ХАГ „Симболичен гест на почит и партнерство“
Земјите-членки на НАТО на денешниот Самит во Хаг се обврзаа да инвестираат по 5% од националниот БДП годишно за основните потреби за одбраната и безбедноста до 2035 година.
Кратка средба со американскиот претседател Доналд Трамп, симболичен гест на почит и партнерство, објави преседателката Гордана Сиљановска Давкова од Хаг, Холандија, каде се одржува Самитот на НАТО.
„Остануваме посветени на сојузништвото со САД како наш клучен стратешки партнер во рамките на НАТО и пошироко“, додаде шефицата на државата која ја предводи македонската делегација во која се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Земјите-членки на НАТО на денешниот Самит во Хаг се обврзаа да инвестираат по 5% од националниот БДП годишно за основните потреби за одбраната и безбедноста до 2035 година.
Во рамки на првиот ден од самитот, министерот Муцунски присуствуваше на работната вечера на земјите членки на НАТО, во формат Совет НАТО – Украина, на која учествуваа и украинскиот министер за надворешни работи, Андреј Сибиха, како и високата претставничка на Европската Унија, Каја Калас.
– Ги повикувам сите, како сојузници, да се обединиме, да работиме заедно, да ги зближиме младите генерации и да создадеме простор на меѓусебна доверба. Дури и да инвестираме 5% од БДП и да донесеме правилни воени одлуки – ако постои недостиг на доверба, непријателот ќе го искористи тоа и ќе нè манипулира однатре. Затоа мора да инвестираме не само во силна одбрана, туку и во отпорност, во сајбер и инфраструктурна безбедност, во одбранбена индустрија, како и во борба против штетните наративи, дезинформации и лажни вести кои ја поткопуваат Алијансата – рече мнистерот Муцунски кој денеска учествуваше на сесија посветена на лидерството и идната улога на младите во справувањето со современите безбедносни ризици, како и на заложбата за инклузивна и одржлива безбедносна политика.