Шврговски: „Трезор” е конструкција без докази

Доколку судот успее да се ослободи од импресиите креирани од страна на тогашното СЈО преку медиумската машинерија и дели правда исклучиво врз основа на аргументите, не може да донесе никаква друга пресуда освен ослободителна, вели Шврговски.

478

Судот мора да се издигне над ситуацијата и да покаже интегритет. Предметот „Трезор“ е класична конструкција и таа не може и не смее да се оправда со други постапки. Ние ги разобличивме сите измислици на обвинителството и навистина не гледам дека би можело да се најде какво било образложение за која било друга одлука освен ослободителна, вели адвокат Љупчо Шврговски во инервју за Прес 24. 

Тој тврди дека нема направена материјална штета затоа што и нема незаконско дејствие, при набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК од страна на Сашо Мијалков, поранешниот шеф на УБК и дека Обвинителството нема докази оти Мијалков и останатите обвинети од 7 до 9 јули 2010 година биле во Велика Британија и таму ја договориле набавката на опремата пред да почне постапката.






– Судот мора да покаже интегритет и да се крене над конструкциите на јавниот обвинител. Доколку судот успее да се ослободи од импресиите креирани од страна на тогашното СЈО преку медиумската машинерија и дели правда исклучиво врз основа на аргументите, не може да донесе никаква друга пресуда освен ослободителна. Од почеток до крај, од првата прес конференција, па се до завршните зборови, со секое одржано рочиште се откриваше вистината дека станува збор за измислена конструкција на СЈО. Сите изведени докази во текот на судскиот процес не само што не одеа во прилог на обвинението, туку најостро ги разобличија нивните претпоставки врз кои го граделе случајот. Со секоја изјава и со секој изведен доказ беа негирани погрешните тези кои намерно или ненамерно се вметнати за да се формира предмет.Тука би ги наброил и сведоците на ЈО и британските власти кои учествуваа во истрагата преку меѓународна правна помош – објаснува Шврговски.

Прва и основна претпоставка за постоење на кривично дело, додава адвокатот,  е некаква штета од извршеното дејствие. Во конкретниов случај обвинителството не понуди никакво економско вештачење од стручни лица кои би потврдиле дека е направена каква било материјална штета, вели Шврговски.

– Заклучокот за некаква материјална штета го изведуваат тие сами, а тоа се луѓе, мои колеги, правници кои немаат економски факултет и лиценца за да вештачат финансиска штета. Претпоставувам дека тоа не е случајно, туку е со намера бидејќи направеното економско вештачење би покажало дека нема никаква материјална штета по буџетот. Нема материјална штета затоа што и нема незаконско дејствие. Впрочем одбраната понуди финансиско вештачење за набавка на опремата и се покажа дека не е направена никаква финансиска штета – вели адвокатот Шврговски.

Во врска со тврдењето на овинителсвото дека Мијалков и останатите обвинети од 7 до 9  јули 2010 година биле во Велика Британија и таму ја договориле набавката уште пред да почне постапката адвокатот  вели дека на ЈО му требало да измислат една ваква претпоставка за да го монтираат случајот и дека „одговорот што го добиваат од британските власти најостро ги негира овие измислици“.

– Имено уште во 2017 година преку меѓународна правна помош бараат истрага во Британија, а во 2018 ги добиваат одговорите. Во одговорот од британскиот Хоум Офис е прецизно наведено дека претставниците на компанијата ГАММА немале никаква средба со Мијалков и останатите обвинети, ниту постојат какви било докази за таква средба. Почист доказ дека станува збор за конструкција на ЈО за да гони за некаква злоупотреба не може да има – вели Шврговски во интервјуто на Прес 24.

Поврзани содржини