Шврговски: Спротивно на Член 470 е да се одреди затворски притвор, ќе се жалиме штом го добиеме решението
Ќе се жалиме кога ќе ја добиеме пресудата, а ќе се жалиме и кога ќе го добиеме решението за затворски притвор - рече адвокатот на Сашо Мијалков.
Спротивно на Член 470 од законот е да се одреди притвор за обвинетиот, бидејќи за Сашо Мијалков не постои никаква можност за да избега од државата, оти тој веќе има решение за домашен притвор, рече Љупчо Шврговски, адвокатот на поранешниот директор на УБК.
– Мијалков може да биде во притвор најмногу 60 дена. Тој има решение за домашен притвор, а не можат да го однесат во ефективен притвор пред да му биде доставено ново решение. Ќе се жалиме кога ќе ја добиеме пресудата, а ќе се жалиме и кога ќе го добиеме решението за затворски притвор – рече Шврговски.
Тој не сакаше да ги коментира случувањата од изминатава недела кога во јавноста се пласираше информацијата дека Сашо Мијалков побегнал од земјава. Исто така, Шврговски не сакаше да открие дали постоел договор помеѓу Мијалков и премиерот Зоран Заев.
– На погрешна адреса ги поставувате овие прашања, јас не знам ништо за таа работа – им рече Шврговски на новинарите пред Судот.