„ШВЕРЦЕРИ“ СО НОЖЕВИ НАПАДНАЛЕ ПЕТ ДЕЦА КАЈ ИСТ ГЕЈТ МОЛ, МВР И СПАСОВСКИ МОЛЧАТ! Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ обвинува за скандалозно забошотување
„Пладне е, ама уште нема полициски билтен во којшто пишува било што за нападнати деца среде центар, деца под закана со ладно оружје, претресувани, заплашувани, присилувани. Нападот е пријавен најмалку од две лица, преку СОС и во полиција! Запознаени се и во станица Центар и станица Аеродром! Има изјави, има детален опис, има податоци од деца и родители“ – пишува Стоилковски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски во објава на Фејсбук тврди дека пет деца синоќа биле нападнати со ножеви во центарот на Скопје од членови на навивачката група на фудбалскиот клуб Шкупи, „Шверцери“, а за настанот сè уште нема никаква реакција од МВР, ниту пак е наведен во редовниот полициски билтен!
Стоилковски тврди дека министерот Оливер Спасовски и негови луѓе во МВР намерно не сакаат да ги уапсат напаѓачите.
,,Оливер Спасовски, 5 деца во 21.30 се нападнати со нож на мостот кај Ист Гејт. Твоите пулени од Центар и Ѓоко Стојановски инспектор за деликти сакаат да го забошотат случајот затоа што ние како родители не дозволуваме дополнително малтретирања на децата. Прво, не знаеле дали да дојде полиција од Центар или од Аеродром.
Па по земени изјави, запишани имиња (да, и на родители) и пријавена комуникација со опис на сторители (претходно со друг напад на плоштад!), сега малтретирате сами да сме оделе ние до станица Центар и дополнителни малтретирања да трпат и децата и ние како родители!? Имаш опис, имаш локација, имаш снимка на камера, а имаш и дело напад со нож на плоштад од веројатно истите лица!
Што е работата бе Оливер? Страв ти е што биле за Шкупи и што биле Шверцери и ќе боделе Комити? Не смееш да мрднеш од Артан Груби? Деца ми закачате, опасно минувате линии! Собери си ги вересиите од по станици!” – објави синоќа Стоилковски на социјалните мрежи.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ денеска уште еднаш објави статус за истиот случај, во кој го прозива и премиерот Димитар Ковачевски.
„Пладне е, ама уште нема полициски билтен во којшто пишува било што за нападнати деца среде центар, деца под закана со ладно оружје, претресувани, заплашувани, присилувани.
Нападот е пријавен најмалку од две лица, преку СОС и во полиција! Запознаени се и во станица Центар и станица Аеродром! Има изјави, има детален опис, има податоци од деца и родители“ – пишува Стоилковски.
Тој му се обраќа лично на премиерот Ковачевски:
„Нечии деца и можеби би избрале да бидат келнери во Блед, затоа што додека ти си го шеташ девојчето по Ватикани и Америки, нечии деца во Скопје ги бркаат со ножеви, ги тепаат и малтретираат, а полицијата замижува и гледа да ја заташка работата! Случајот од мостот кај Ист Гејт со петте деца не е измислен како разговорот со келнери на Блед, туку реалност!
А во таа реалност, вие, Ковачевски и Спасовски за крадење на струја преговаравте со цело село, но никаде ве нема да спречите криминал! Резили, таков однос сакате? Дали чекате родители и семејства на нападнати деца да се соберат на протести и блокади“ – прашува јавно Стоилковски.
Тој вели дека собрал огромен број телефонски сведоштва, за напади, за ножеви, за закани, за буквални претепувања, а полицијата, особено оние од Центар, молчат и се кријат.
Тој вели дека насилствата се претежно во Центар; во Дебар Маало, на плоштад, пред Ист Гејт, пред школскиот двор на 20 метри од полициска станица…
„И сите завршуваат исто, со тормозење на децата-жртви и нивните семејства, но и со „укажувања” и „прашувања” да се откажат од тужби, во спротивно… Полицијата е тука само за казни, да го полни буџет, нели? Ќе ја истерам работата до крај! Јас нема да дозволам моите деца, нивните другари, нивните врсници, да бидат присилувани да седат дома, нема да дозволам заплашени родители, или децата да бидат напикани во гета и да не смеат слободно и безбедно да шетаат низ Скопје“ – пишува Стоилковски.