Шверц што значи живот – под итно од Босна ми беше доставено едно пакетче…

Граѓаните не избираат начин како сами да дојдат до лекот фавипиравир или „фавира“ од турско производство кој е мошне ефикасен ако се прими во првите денови од заболувањето и може да спаси живот.

12,883

Во услови кога државното здравство целосно колабира, кога државата прогласува кризна состојба за да ги стави на располагање капацитетите на приватните клиники, граѓаните заболени од коронавирусот кои се лекуваат во домашни услови се принудени сами да си бараат чаре за да си ги олеснат симптомите и да спасат жива глава. Тие се информираат од паталци, преку разни групи за поддршка на социјалните мрежи, преку искуства во соседни земји.

Во последниов период мошне актуелна е потрагата по лекот фавипиравир или „фавира“ од турско производство. Граѓаните се обидуваат да го најдат на разни начини бидејќи се верува дека овој антивирусен лек кој ги олеснува симптомите ако се земе во првите денови од лекувањето може да спаси живот. Во игра се шверц, нарачки преку роднини, пријатели, деловни партнери… Како и да е граѓаните го користат нелегално, на своја рака, бидејќи државата сѐ уште не донела одлука да го вметне во протоколите за лекување од ковид-19 во домашни услови, односно матичните лекари да им го пропишуваат на болните преку рецепт.






Лек има, ама се користи на своја рака

Македонија во јуни доби донација од Јапонија за лекување на 100 пациенти со овој лек. Лекот беше увезен и кај нас, но количините се потрошиле. Сега се чека нова дозвола за увоз, но што е уште поважно се чека одлука тој да почне да се пропишува како дел од терапијата за лекување во домашни услови преку матичните лекари. Токму поради фактот што лекот е ефикасен во првите денови од болеста, кога пациентите најчесто се лекуваат кај матичните лекари, неделава се одвиваше стручна расправа за тоа дали ќе биде овозможено лекот, со лекарски рецепт, слободно да се набавува во аптеките. Плусинфо во понеделникот повикувајќи се на официјални извори објави дека големи се шансите лекот фавипиравир до крајот на неделава да се најде и во македонските аптеки, но ете до денес, петок, нема ништо ново во врска со ова.

Експертски извор за Плусинфо тогаш објасни:

– Лекот е ефикасен во раната фаза на болеста, на самиот почеток. И тие кои пијат шверцувани дози, така ги пијат. Во раната, па и во подоцнежните фази на болеста, кај нас пациентите ги лечат матичните лекари, понекогаш во консултација со инфектолог или со лекари од други специјалности. Пожелно е лекот да се издава на лекарски рецепт во аптеките, како што е тоа во Босна и Херцеговина, на пример. Инаку, изворно, фавипиравирот е лек за ебола, но надлежните институции би требало да утврдат протокол за користење на лекот за ковид-19.

Да се почне додека не стане предоцна…

Во моментов, лекот во Македонија се шверцува од Косово. Според наши извори, зависно од количествата кои се набавуваат, цената за една доза на Косово се движи од 70 до 100 евра. Граѓани сведочат дека лекот го има во слободна продажба во Босна и Херцеговина, Турција, Грција, но и дека помага.

– Првите симптоми ги почувствував минатата среда, точно девет дена од денес. Се разбудив со 38 температура и болки низ целото тело. И покрај тоа што живеам со некои начела на здрав живот, пиев комбинација од најдобри витамини, сепак секој ден ми беше сѐ полошо и полошо. Испив две дози „сумамед“, почнав и „панцеф“, но температурата само моментално паѓаше и веднаш пак се качуваше. Викендот го поминав толку тешко што имав чувство дека жива глава нема да извлечам. Кашлањето не ми дозволуваше да заспијам ни на 5 минути. Сопругот кој работи во Белград реално се загрижи за состојбата во која се наоѓав и по препорака на неговите колеги од Инфективно направи сѐ за што побрзо да дојдам до лекот „фавипиравир“. Под итно од Босна ми беше доставено едно пакетче кое морав што побргу да почнам да го пијам додека не стане предоцна. Ми беше кажано првиот ден да земам високи дози од лекот а наредните 4 дена да се продолжи со помали дози. Ми вклучија паралелно и кортико терапија по шема. Од моментот кога го почнав овој лек температурата падна и еве втор ден денес како немам температура. Сигурна сум дека овој лек ми ја задржа главата на рамења, зашто едноставно ништо друго не делуваше а болеста прогресираше. Сега сме сите веќе поспокојни затоа што знаеме дека најтешкото е веќе зад нас. Во ова тешко време на многу болни и многу смртни случаи апелирам да се најде начин овој лек да биде достапен за болните од ковид-19 во нашите аптеки и да може да се спасат драгоцени животи – го пренесе своето искуство пациентка во една група за поддршка на социјалните мрежи.

Друга пациентка потврдува дека лекот го нарачувала од Косово.

– Јас од истиот лек нарачував од Косово. Во аптека во центар на Качаник останаа две кутии. Ова е пред десет дена. Но може да се најде ако е продаден. Некои порачале преку шоферите од автобуската линија Истанбул-Скопје. Лек е и носат без проблем – вели оваа граѓанка.

Меѓу граѓаните сѐ погласно се зборува дека во оваа пандемија предност имаат медицинските лица или тие што во семејството имаат такво лице кое може дома да им вклучи терапија или да им даде инјекција. Здравствените работници еден со друг си помагаат, дома им доаѓа колега да им земе крв, да ги прегледа, да ги боцне со инјекција – едноставно имаат кому да се обратат за да си го олеснат патот до заздравувањето од чумата наречена ковид-19.

Поврзани содржини