ШВЕДСКА ЌЕ КОРИСТИ САМО „ФАЈЗЕР“ ЗА ДЕЦА НАД 12 ГОДИНИ „Ја користиме вакцината која е најдокажана“
Вакцинацијата на децата на возраст од 12 и повеќе години во Шведска ќе започне на 11 октомври.
Не со „Модерна“ туку исклучиво со Фајзер „Комирнати“ ќе бидат вакцинирани децата од 12 до 15 години во Шведска, одлучи шведската Агенција за јавно здравје. Причината за оваа одлука е дека за Фајзер има многу повеќе докази од употребата врз деца, за разлика од конкурентната „Спајквакс“ на Модерна, јавува МИА.
– Општо земено, имаме причина да ја избереме вакцината за која најмногу знаеме и која е најдокажана кога станува збор за деца на возраст од 12 до 15 години – нагласи државниот епидемиолог Андерс Тегнел.
Во Европа и двете вакцини се одобрени за употреба. Во мај Европската агенција за лекови ја одобри Фајзеровата „Комирнати“, а во јули беше одобрена „Спајквакс“ на Модерна.
Вакцинацијата на деца на возраст од 12 и повеќе години во земјата ќе започне на 11 октомври.