Швајцарска донација од девет машини за општините во Полог за справување со поплави

Оваа механизација е продолжување на нашите напори за зајакнување на капацитетите во заштитата од поплави и други катастрофи - изјави Таравари.

317

Швајцарската влада преку Програмата за подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот регион на општините во Полог им донира механизација вредна 30 милиони денари за справување и заштита од поплави. Обезбедени се девет повеќенаменски багери за чистење на реки и речни корита, чистење снег во зимскиот период, за сите девет општини кои припаѓаат на Полошкиот регион.

Донацијата е дел од мерките за поддршка на овие општини во унапредувањето на системот за подготвеност, рано предупредување и заштита од поплави и други катастрофи по примерот на најдобрите меѓународни практики.






– Не можеме да ги спречиме катастрофите, но можеме да се подготвиме што подобро за да ги минимизираме штетите. Оваа механизација ќе ни помогне да обезбедиме подобри и поефикасни услуги за нашите граѓани – изјави Теута Арифи, градоначалничка на Тетово.

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари посочи дека како општина го препознаваат потенцијалот на модерниот пристап во справувањето со поплавите и другите катастрофи.

– Оваа механизација е продолжување на нашите напори за зајакнување на капацитетите во заштитата од поплави и други катастрофи – изјави Таравари.

Целта на Програмата за подобрување на отпорноста на Полошкиот регион кон поплавите, вредна околу 10 милиони долари, финансирана од Швајцарската влада, а спроведувана од Програмата за развој на Обединетите нации, е воведување систем за интегрирано управување со поплавите и други ризици (свлечишта, одрони, порои) согласно современите светски искуства. За постигнување на оваа цел, првпат во земјава е формирана мрежа од девет општини кои заеднички работат на мерки и активности за намалување на штетите од поплавите, како и на преземање превентивни метки за намалување на ризиците од поплави.

Поврзани содржини