ШУТО ОРИЗАРИ ЌЕ СЕ РАЗВИВА РАМНОМЕРНО КАКО ДРУГИТЕ ОПШТИНИ Арсовска вети игралиште, велосипедски патеки и редовни автобуски линии

Во Општина Шуто Оризари, жителите сè уште газат по небезбедни калливи улици без тротоари и немаат водоводна и канализациона мрежа, немаат ни соодветно место за да го фрлаат ѓубрето. Секој од нас заслужува пристојни услови за живот, а секоја општина треба да се развива рамномерно, без стагнирање, рече Данела Арсовска, кандидат за градоначалник ан Град Скопје.

373

На последниот ден од изборниот циклус за вториот круг локални избори за градоначалник на Град Скопје, кандидатката Данела Арсовска беше активна со теренските посети на скопските општини. На средбата со жителите од Шуто Оризари изјави дека асфалтирани и безбедни улици и соодветна комунална инфраструктура за општината ќе бидат во фокусот на почетокот од нејзиниот мандат.

– Во текот на целата изборна кампања посетив многу места, остварив средби со жители од сите скопски општини. Граѓаните навистина не бараат многу, а она што го бараат е лесно остварливо преку брзи и ефикасни решенија, неопходно е само подобро менаџирање. Сметам дека не е во ред општини од главниот град да функционираат како да се дел од минатиот век. Во Општина Шуто Оризари, жителите сè уште газат по небезбедни калливи улици без тротоари и немаат водоводна и канализациона мрежа, немаат ни соодветно место за да го фрлаат ѓубрето. Секој од нас заслужува пристојни услови за живот, а секоја општина треба да се развива рамномерно, без стагнирање – истакна Арсовска.






Во исто време, таа се обврза дека, како што рече, уште во првите денови од функцијата градоначалник на Град Скопје, ќе даде налог да се утврдат сите приоритетни слабости и недостатоци и потоа ќе се започне со реализацијата на решенијата предвидени за нив.

Арсовска дополни и дека заложбите за подобра иднина за најмладите ќе бидат еднакви во секоја општина. Во Шуто Оризари, додаде таа, ќе се изгради детско игралиште, велосипедски патеки, а автобуските линии ќе бидат поредовни.

Поврзани содржини