ШУКОВА ВЕТУВА РЕВОЛУЦИЈА ВО ГРАДОТ 15 нови паркови и чист воздух за само 15 месеци

Кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, порача дека загадувањето на воздухот не може да се реши со парцијални потези, туку со координиран систем на мерки што ќе ги вклучи сите сектори и институции.

62

За чист воздух во Скопје не е доволно да се посади дрво или да се замени неколку автобуси – потребна е синхронизирана и одлучна акција на сите нивоа, порача Каја Шукова, кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, на дебата на ТВ24.

Таа истакна дека изворите на загадување се јасно идентификувани и дека борбата со овој проблем мора да опфати интервенции во греењето, јавниот превоз, управувањето со отпадот и одржувањето на зеленилото.






– Идентификувани се изворите на загадување и на ниво на Град Скопје и на ниво на држава. Потребна е интервенција во многу сектори: начинот на затоплување, јавниот превоз, управувањето со отпадот и зеленилото, кое со години е запоставено – изјави Шукова.

Шукова нагласи дека е подготвен сеопфатен план со мерки на краток, среден и долг рок, при што дел од активностите може да почнат веднаш и да дадат брз ефект.

– Има мерки што може многу бргу да се реализираат, како што е БРТ системот, кој директно ќе го намали загадувањето од сообраќајот. Или, на пример, проектот за 15 нови паркови за 15 месеци, кој ќе придонесе за почист воздух и подобар урбан живот – додаде таа.

На прашањето за индустриските загадувачи, меѓу кои и цементарницата „Усје“, Шукова посочи дека постои катастар на загадувачи и дека мерките за контрола се веќе предвидени во градските и државните стратегии.

– Имаме доволно планови, време е за акција – рече таа, потенцирајќи дека спроведувањето на мерките досега било попречено од слабите капацитети на општините и недостигот на средства.

Шукова истакна дека клучен проблем е недостатокот на соработка меѓу Градот и општините, што мора да се надмине доколку Скопје сака трајно решение за загадувањето.

– Државата е тука да помогне преку стратегии, поддршка и идентификација на загадувачи, но големиот дел од реализацијата останува на локалната самоуправа – нагласи Шукова.

Како идна градоначалничка, таа вети дека ќе воспостави функционален систем за координација меѓу сите институции, за Скопје конечно да добие чист воздух, повеќе зелени површини и модерен јавен превоз.

Поврзани содржини