ШУКОВА И РАЛЕВ НАЈСЕРИОЗНИ, НО ИМА УШТЕ ДВАЈЦА Филипче откри детали за новиот кандидат на СДСМ за Скопје

Филипче најавува кандидат за градоначалник на Скопје до крајот на јули – Ралев и Шукова меѓу фаворитите, а Таравари побарал поддршка од СДСМ за локалните избори.

768

СДСМ ќе настапи со свој кандидат на претстојните локални избори во Скопје, а името ќе биде објавено до крајот на јули. Во игра се Мишко Ралев и Каја Шукова, но според лидерот на партијата Венко Филипче, има и уште двајца други потенцијални кандидати.

Во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5, Филипче истакна дека не сака да шпекулира со број на гласови кои би ги добила СДСМ или со број на советнички мандати и градоначалници, туку целта е да се понудат квалитетни и кредибилни личности.






– Даваме сè од себе да ги промовираме најдобрите кандидати, да ги увериме граѓаните дека нашите кандидати ќе работат чесно и транспарентно. На скопјани сакам да им порачам дека предлогот ќе биде човек што ќе обединува – посочи Филипче.

Тој истакна дека СДСМ ќе стапи во коалиции со албанските партии во општините со мешано население, но врз основа на принципиелност, заемно почитување, компатибилност на кандидатите и потребите на жителите.

Филипче потенцираше дека фокусот на СДСМ ќе биде ставен и на листите за советници, како еднакво важен елемент на локалната власт.

Во однос на Струмица, тој информираше дека Марјан Даскаловски има поголема поддршка од партиското членство во однос на поранешниот градоначалник Костадин Костадинов.

Филипче во интервјуто објави и дека лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, побарал поддршка од СДСМ за локалните избори.

– Со Ахмети не сум се сретнал, а со Таравари имавме средба пред неколку недели кога тој сè уште не беше кандидат. Побара поддршка и сега разговараме со нашите членови во општинската организација. Ќе ја донесеме најдобрата одлука – рече тој.

На прашањето околу неговото име на списокот на лица кои добиле „златна виза“ за Дубаи, Филипче повторно не откри со која болница преговарал, но нагласи дека има легитимно право да заработува од својата струка – неврохирургијата.

– Не ви откривам ни сега. Треба да бидам професионален. Дали тоа ќе влијае на моето реноме или не, или како ВМРО-ДПМНЕ ќе се однесува, не е важно. Не е точно дека сум добил возило на подарок. Немам бизниси, легитимно е да заработувам од струката за која сум вложувал целиот живот. Среќен сум што добив шанса – ретко кој добива таква можност. Има точно наведени струки за кои може да добиете виза во Емиратите, како лекари, инженери – рече Филипче.

Во врска со поранешниот премиер Зоран Заев, тој изјави дека односите со него се исклучиво приватни.

– Заев не сака веќе да се занимава со политика, ниту има намера да се меша во какви било одлуки. Тој целосно се повлече – нагласи Филипче.

Поврзани содржини