ШУКОВА Е ЗА ЧИСТО И БЕЗБЕДНО СКОПЈЕ, А КАКО МИНИСТЕРКА ПРОТЕСТИРАШЕ ПРОТИВ СВОЈАТА ВЛАДА Во 7 години СДСМ не направи ништо за загадениот воздух, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека кандидатката на СДСМ за градоначалник на Скопје, Каја Шукова, ветува решенија за проблеми што самата партија не успеала да ги адресира додека беше на власт. Според партијата, Шукова, како поранешна министерка за животна средина, е дел од владеењето што само симболично протестирало, наместо суштински да работи на подобрување на состојбата со загадувањето и со уредувањето на градот.
Во пресрет на локалните избори, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ стигна реакција во врска со кандидатурата на поранешната министерка Каја Шукова за градоначалник на Град Скопје, предложена од опозициската СДСМ. Во соопштението се наведува дека со секој нов избор на кандидати, СДСМ и неговиот сегашен лидер Венко Филипче, како што се тврди, само ги спроведуваат политичките одлуки и желби на поранешниот премиер и партиски лидер Зоран Заев.
„Кандидат за главниот град им е Каја Шукова, која вели дека ќе се залага за чисто, уредено и безбедно Скопје. Шукова се однесува како да не знае дека партијата од која е дел, и чијшто министер за животна средина беше самата таа, не знае што значат поимите кои таа ги употребува“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека Шукова доаѓа од СДСМ, партија која, според нив, „само знаеше да протестира сама против себе кога станува збор за чисто и уредено Скопје“. Во партиското соопштение се додава дека СДСМ, откако ја презела власта во 2017 година, не започнала со конкретна работа на терен, туку нејзини функционери и пратеници излегувале на протести, иако самите биле дел од институциите.
„СДСМ очигледно само знае погрешно да постави темели и се знае дека потоа сѐ оди во погрешна насока. Работите не ни стагнираат, туку само одат во полоша насока. Па така, откако ја презедоа власта во 2017 година, наместо да се фатат за работа, тие излегоа на протест и си протестираа сами против себе или протестираа нивни пратеници, а тие беа на власт, нивен заменик министер за животна средина, исто така, протестираше наместо да се фати за работа“, стои во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека кога некој доаѓа на власт, тоа значи дека добил доверба од граѓаните и се очекува проблемите да се решаваат институционално, а не „политиките да се креираат од улица“.
Во продолжение, од партијата обвинуваат дека СДСМ, чијшто кандидат е Шукова, не направил ништо за 7 години за подобрување на условите во општините, за решавање на проблемите со загадувањето на воздухот и за други прашања кои директно ги засегаат граѓаните.
„Како и да е, Шукова му излезе во пресрет на актуелниот, како и на претходниот партиски шеф и прифати да биде кандидат за Скопје. Но, СДСМ, Филипче и Шукова како кандидат за Скопје, како и кандидатите за другите општини, треба да знаат дека граѓаните точно знаат кој работи во нивен интерес. Јасно е дека тоа не е овој СДСМ“, се заклучува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.