УТРЕ ЌЕ ИМА АВТОБУСИ, КРАЕН РОК ЗА ПЛАТИТЕ ДО СРЕДА Ќе останеме ли без јавниот превоз од ЈСП?
По најавите за штрај раководството на ЈСП се огласи со соопштение во кое стои дека во наредните денови вработените ќе ја добијат заслужената плата и граѓаните нема да останат без јавен превоз, изјави Миќо Стојановски од Синдикатот на работниците од сообраќај и врски.
Синдикатот на вработените во ЈСП попладнево одлучи да не го активира штрајкот и да им даде уште една шанса на институциите. Вработените ќе почекаат уште утре за да ја добијат ветената септемвриска плата, а крајниот рок ќе биде среда во 10 часот кога тие повторно ќе се соберат, јавува Канал 5.
– Во случај да не биде исплатена платата, ќе биде спроведено тоа што го истакнавме денеска – вели Миќо Стојановски од Синдикатот на работниците од сообраќај и врски за телевизијата.
Ако тоа не се случи, појасни Стојановски, ќе се случи општ протест на вработените во среда во 11 часот.
–Ќе направиме протест во среда, за да имаме време согласно Законот за штрајк за јавни претпријатија да се подготвиме, да го најавиме за да немаме ниту ние реперкусии, ниту надлежните органи, а ниту нашите корисници на услуги – рече Стојановски.
Тој претпладнево изјави дека многу долг период наназад доцни исплатата на платата, поради одредени причини. Како што рече, веќе 35 дена немаат примено плата.
– Ние во ЈСП ги сервисираме и возилата на Противпожарната бригада на Скопје и на Градот Скопје. Зголемен е и обемот на работа, меѓутоа обврските Градот Скопје кон нас перманентно со месеци и години не ги извршува. Сите одлуки на Советот на Град Скопје за зголемување на автобуски линиии, за зголемување на обем на работата ние ги почитуваме, а 60 отсто од нашите корисници се бенифицирани корисници, пензионери, ученици, студенти… и ние всушност не остваруваме приход, не сме профитабилна фирма – додаде Стојановски.
Од ЈСП денеска соопштија дека вработените во наредните денови ќе ја добијат заслужената плата и оти нема да дозволат скопјани да останат без јавен превоз. Очекуваат дека час поскоро ќе ги подмират минатогодишните долгови и тековните обврски како не би се довела во прашање редовната работа на претпријатието.
„Веруваме дека централната власт и дел од општините ќе ги исплатат заостанатите обврски кои ги имаат за испорачаната услуга од страна на ЈСП за организиран превоз за одредени категории патници, средства со кои се исплаќа платата за вработените во ЈСП. И покрај тешката ситуација, на која никој во државата не остана имун, работиме за јавниот превоз да продолжи да функционира без проблеми во интерес на сите негови корисници“, соопштија од ЈСП Скопје.