ШТРАЈК ЗА ПОВИСОКА МИНИМАЛНА ПЛАТА Дали Владата ќе ги изигнорира барањата на синдикатите?

Според бизнисмените, законот за минимална плата покрај другото го содржи и начинот на утврдување на оваа плата и што влијае таа да се зголеми и тоа треба да се почитува.

1,288

Повисока минимална плата или штрајк се заканува Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ) кој по одлагањето на денешната средба во владата најави дека ќе ги активира штрајкувачките одбори.

ССМ бара итно зголемување на минималната плата која ќе изнесува 60 отсто од просечната плата. Владата најави минималец од 18.000 денари за годинава, но од вториот квартал, а целта е до 2024 да достигне до 20.000 денари.






Бизнисмените, пак, со порака до синдикатите наместо да најавуваат штрајкови и да бараат насилно зголемување на минималната плата и да го нарушуваат системот на плати, треба да притискаат да се почитуваат законите и колективните договори од бизнисите кои немаат ниту синдикална организација, ниту, пак, ги почитуваат законите. Штајкувањето само ќе ги казни бизнисите кои ги почитуваат законите, велат тие.

Конфедерацијата на слободни синдикати, пак, бара прво за се усогласат платите со сегашната минимална плата, па потоа да се бара зголемување на минималната плата.

Според бизнисмените, законот за минимална плата покрај другото го содржи и начинот на утврдување на оваа плата и што влијае таа да се зголеми и тоа треба да се почитува.

– Треба да се почека март и тогаш ќе се види за колку ќе треба да се зголеми минималната плата. Според законот усогласувањето се врши според растот на БДП, трошоците на живот и порастот на просечната плата. Пресметките се прават според податоците на заводот за статистика. Секое поинакво барање минималецот да се зголеми ќе влијае на системот на плати, продуктивноста на работниците и мотивираноста за работа. Тоа значи дека најголемиот број од работниците кои сега земаат просечна плата од 19.000 денари ќе се изедначат со оние работници кои земаат минимална, ако таа се утврди на 18.000 денари. Овде се наметнува прашањето кој ќе биде мотивот на овие работници да работат и да бидат продуктивни кога знаат дека без работа ќе ја добиваат минималната плата која по желба на синдикатот ја зголемува владата кога сака. Значи треба да се почитува сегашниот закон за минимална плата и тој во целост да се применува – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Според него, во сегашните економски услови тешко дека бизнисот ќе може да поднесе не само зголемување на минималната плата, туку и усогласување на другите плати со овој износ. Тој вели дека минималната плата треба да ја добиваат само 5 до 10 отсто од работниците бидејќи таа се смета за социјална категорија. Останатите плати треба да се формираат според други економски параметри.

– Насилното зголемување на минималната плата не е решение и затоа очекуваме ова прашање повторно да се расправа на економско – социјалниот совет и да се видат аргументите дали треба минималната плата да изнесува 60 отсто од просечната плата кога во Европа тоа е дадено само како барање на синдикатите и се расправа таа да изнесува 50 отсто медијалната плата – вели тој.

Синдикатите се подвоени по прашањето на зголемување на минималната плата. ССМ бара минималната да се зголеми на 18.000 денари со тоа што ќе се направат измени на законот за минимална плата и таа да не изнесува помалку од 60 отсто од просечната плата, а КСС бара прво да се усогласат платите со сегашната минимална плата, па потоа да се бара зголемување на минималната плата.

– Секако дека треба да има повисока минимална плата, но наш став е прво да се усогласат платите со актуелната минимална плата како што предвидува членот 7 од законот за минимална плата, па потоа да се бара повисока минимална плата. Кога ќе се усогласат платите тогаш и автоматски минималната плата ќе биде зголемена – вели Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати.

Според него, половина од вработените во државата земаат минимална плата, а најголем работодавач е државата.

– Токму во јавниот сектор има најголем број на луѓе кои земаат минимална плата. Но, државата е таа која не го почитува Законот за минимална плата, бидејќи не ги усогласува другите плати според минималната. Наши пресметки се дека 200 милиони евра треба да издвои државата за да ги усогласи платите во јавниот сектор со сегашната минимална плата. Новото зголемување на минималната плата ќе ја чини државата уште повеќе. Каква е логиката да порасне минималната плата, а да нема усогласување треба да одговори владата и ССМ кој поддржува таква постапка – додава тој.

ССМ, пак, предлага измени на законот за минимална плата според кои минималната плата треба да изнесува 18.000 денари од јануари годинава и да не може да биде пониска од 60 отсто од просечната месечна нето-плата.

– Предлагаме и платите на сите работници да се усогласуваат со порастот на минималната плата согласно измените и дополнувањата на Законот за минимална плата кои сме ги предложиле, согласно Закон и колективен договор со што спирално ќе се зголемат платите на останатите работници – велат од ССМ.

Од ССМ сметаат и дека со зголемувањето на минималната плата од нејзиното воведување по предлог на ССМ, до денес немало негативен ефект врз фирмите и државата, не довело до отпуштање на работници, ниту до кратење на нивните плати, довело само до повисока продуктивност, поради поголемата мотивација на работниците.

ССМ за ова прашање денеска требаше да разговара на средба во владата но средбата е одложена и синдикатите најавија седници на телата со што ќе се активираат штрајкувачките одбори за подготовка на работниците за штрајк доколку не биде зголемена минималната плата.

Димитров, кој е поранешен претседател на Одборот на рабодавачи и потписник на колективниот договор за приватниот сектор вели дека синдикатот не смее да бара насилно донесување на повисока минимална плата, туку тоа да се направи според законот, а синдикатите да се изборат сите работодавачи да ги почитуваат законите. Штајкот според нео, ќе биде казна само за работодаачите кои ги почитуваат законите.

– Синдикатот треба добро да се пресмета пред да одлучи да ги натера работниците на штрајк. Во таа пресметка треба да види во кои компании ќе ги тера работниците да штрајкуваат. Само 3 до 4 отсто од компаниите главно големите имаат дозволено синдикално организирање наследено од социјализмот. Овие компании покрај другото се и тие кои во основа ги почитуваат законите кои се однесуваат не само на минималната плата, туку и на прекувремената работа и работата во празници. Значи синдикатот ќе ги тера работниците да штрајкуваат онаму каде што се почитуваат нивните права, а во остатокот од 96 отсто од компаниите кај кои нема синдикално организирање нема да има штрајк. Тоа значи ќе се казнуваат компаниите кои ги почитуваат законите – вели Димитров.

Според членот 4 од законот за минимална плата исплатената висина на минималната плата во бруто износ за претходната година се усогласува во март секоја година со: – една третина од порастот на просечно исплатената плата, – една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и – една третина од реалниот пораст на домашниот бруто производ, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Синдикатите оперираат и различен податок за бројот на работници кои земаат минимална плата. ССМ вели 112.000 работници, а КСС оперира со бројка од 400.000 работници и тврди дека најголем број од нив се во јавниот сектор.

Економско – социјалниот совет по изборот на новата влада немал седница и нема став околу предлогот на ССМ да се промени Законот за минимална плата.

Поврзани содржини