📽️ ШТРАЈК ШТО ЈА СТРЕСЕ ГЕРМАНИЈА Не возат автобуси, трамваи и локални возови, 100.000 работници на улица
Масовен прекин на јавниот превоз во Германија по повикот на синдикатот Верди.
Автобусите, трамваите и возовите запреа рано утрово низ цела Германија, откако транспортните работници го послушаа повикот на синдикатот Верди за масовен штрајк што ќе продолжи и утре.
Според Ројтерс, синдикатот со оваа акција има цел да изврши притисок врз тековните преговори за подобрување на условите за работа. Во фокусот се работното време, сменската работа, надоместоците за ноќна и викенд работа, како и висината на платите.
Во штрајкот се вклучени околу 150 автобуски, трамвајски и локални железнички компании со приближно 100.000 вработени низ германските сојузни покраини. Меѓу погодените градови се и главниот град Берлин и Хамбург, каде јавниот превоз е значително нарушен.
Од синдикатот посочуваат дека конкретните барања варираат од една федерална држава до друга, но заедничката цел е подобрување на платите и условите за работа на транспортните работници.