ШТО ЗНАЕМЕ ЗА ФЛУРОНАТА? Комбинација од грип и корона која го шокираше светот

Ако сте вакцинирани, болеста е многу блага, вели д-р Вижницер, мислејќи и на коронавирусот и на грипот. Жените кои не беа вакцинирани против коронавирусот беа многу болни, додаде тој.

476

Комбинацијата од грип и коронавирус, популарно наречена флурона, го задржа вниманието на светската јавност откако Израел објави дека две млади трудници биле истовремено позитивни и на грип и на ковид-19. Но, колку треба да бидеме загрижени за оваа појава на двојни инфекции, ако знаеме дека таа е веќе позната во медицината? Ја почнавме 2022 година барајќи информации за „двојната неволја“, како што ја нарече британски Сан или „твиндемија“, а сега ВашингтонПост открива што треба да знаеме за оваа појава.

Флуроната не е посебна болест, туку појава кога некое лице е заразено со двата вируса. Случаи на флурона се откриени во земји како што се САД, Израел, Бразил, Филипините и Унгарија, некои од нив дури и пред да се измисли терминот. Првиот бил откриен во САД уште во 2020 година.






Дали 2022 ќе биде година на флуроната?

Во израелската болница Беилинсон, каде што лекарите неодамна ги дијагностицираа двете бремени жени со двете инфекции, случаите на коронавирус се зголемуваат во услови на појава на омикрон, заедно со случаите на грип А, според Арнон Вижницер, директор на гинекологија.

– Оваа година е поинаква од минатата година. Сега имаме уште еден предизвик – вели д-р Вижницер во интервју за ВашингтонПост предвидувајќи дека веројатно ќе продолжат да се појавуваат ваквите двојни заразувања.

Според него, некои земји веројатно многу посилно ќе бидат погодени од грипот оваа година. Лани, односно во 2020 година, строгите мерки и карантини се чини дека во голема мера го спречија сценариото за „твиндемијата“, објаснува тој.

Од двете жени, едната не била вакцинирана

Доктор Вижницер рече дека и двете бремени жени ги имале истите симптоми и дека добиле третман за намалување на нивната треска. И двете веднаш биле ставени во изолација за на крајот да се вратат дома со здрави бебиња. Според него, само една од жените била вакцинирана против коронавирусот. Таа имала и бустер доза.

Бремените жени кои ја посетуваат израелската болница Бејлинсон се тестираат за двата вируса доколку имаат симптоми при пристигнувањето. На некои медицински работници, заедно со луѓе постари од 60 години, во Израел, кој агресивно ја засилува својата програма за вакцинација, им се нуди и втора бустер доза.

Дали грипот и короната заедно се поопасни?

Додека многу земји ги следат случаите на грип и на коронавирус, се чини дека има малку податоци за тоа колку луѓе ги имаат во исто време. Како што се појавуваат извештаите за двојните инфекции, експертите пак се на ставот дека вакцините против коронавирус и грип остануваат најдобриот начин за заштита од тешки инфекции.

– Ако сте вакцинирани, болеста е многу блага – рече Вижницер и за коронавирусот и за грипот.

– Жените кои не беа вакцинирани [против коронавирусот] беа многу болни – додаде тој.

За жал, постои можност на некои пациенти да не им бидат понудени тестови за двете болести, па флуроната да не биде откриена.

Кои се симптомите на флурона?

И коронавирусот и грипот се респираторни инфекции, кои можат да предизвикаат слични симптоми како треска, кашлање, замор, течење на носот, болки во грлото и дијареја, заедно со болки во мускулите и телото. И двете инфекции можат да бидат фатални, иако сериозноста на секоја дијагноза во голема мера зависи од имунолошкиот систем на поединецот.

Здравствените работници, постарите лица и оние со основни здравствени состојби се повеќе изложени на ризик за секој вирус.

Поврзани содржини