Членството на Македонија во ЕЕЗ не е пречка за членство во ЕУ, по истиот пат чекореле повеќе земји
Нам не ни е доволно само економската интеграција. Тоа му го реков на Макрон. Најважната работа е владеењето на правото, човековите слободи и првата, функционална админситрација, правосудство. Нас не нè интересира само профит, материјални добра и дивиденди - рече Пендаровски.
Членството во Европската економска зона (ЕЕЗ) не е во спротивност со идејата за влез во Европската Унија. Ваков е ставот на дипломатите со коишто разговараше Плусинфо откако претседателот Стево Пендаровски вчера соопшти дека сме добиле зелено светло за членство во ЕЕЗ, но дека сме ја одбиле понудата, затоа што, според него, на тој начин би се загрозиле напорите за членство на земјава во ЕУ.
Напротив, објаснуваат нашите соговорници, многу држави коишто сега се активни членки на Унијата, претходно оделе по истиот пат и биле дел од ЕЕЗ.
– Нам не ни е доволно само економската интеграција. Тоа му го реков на Макрон. Најважната работа е владеењето на правото, човековите слободи и првата, функционална администрација, правосудство. Нас не нè интересира само профит, материјални добра и дивиденди – рече Пендаровски.
Тој додаде дека Македонија и денес може да побара членство во ЕЕЗ, но дека таму не се влегува само со апликација, туку со одредени услови и прием кој треба да се одобри од сите земји-членки.
– На Хрватите им беше кажано дека нема тоа да им биде алтернатива на членството кога се согласија за ЕЕЗ пред да станат членка на ЕУ во 2014 година – рече Пендаровски.
Што губиме?
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски реагираше дека претседателот направил голема грешка со одбивањето на понудата за членство во ЕЕЗ, која нуди учество во единствениот слободен пазар, и ги нуди „четирите слободи” на движење на капитал, луѓе, стоки и услуги со ЕУ, плус со Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.
– ЕЕЗ ги нуди речиси сите економски придобивки од членство во ЕУ, без структурните фондови. Со слободата на движење на луѓе и капитал не само што се отвараат економски перспективи, туку македонските граѓани нема веќе да бидат приморани да вадат бугарски, хрватски, словенски пасоши за да ги отворат вратите за својата стопанска или образовна активност низ цела Европа. ЕЕЗ не е алтернатива, туку етапа и отскочна даска кон членство во ЕУ. На самитот во Софија, Македонија прифати да е дел од единствен пазар на Западен Балкан, а чудно е зошто Пендаровски одбил да сме дел од ЕЕЗ како најголем слободен пазар на континентот? На вчерашното интервју на Сител, претседателот Пендаровски соопшти дека во ноември 2019 разговарале со Макрон за членството во ЕЕЗ. Се поставува прашањето зошто Пендаровски не го соопштил ова во годишното обраќање пред Собранието? Зошто за оваа понуда не разговарал со стопанските комори, со Министерството за финансии и зошто не отворил јавна расправа во општеството, согласно неговото предизборно ветување дека ќе работи за подобра економска перспектива на Македонија? Претседателот Пендаровски немал право да одлучува сам, а уште помалку да одбие сам една ваква стратешки добра понуда за напредокот на Македонија – напиша Милошоски.
Реакција пристигна и од Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој бара понудата за членство во ЕЕЗ да добие институционална рамка.
– Државниот интерес не е приватен, јавен е, а за тоа постои Устав и закони – рече Димовски.
Одлука со консензус
Одговор на критиките веднаш пристигна од Кабинетот на претседателот Пендаровски, па оттаму појаснуваат дека станувало збор за идеја која во Брисел циркулирала во октомври минатата година кога отворањето преговори за Македонија беше одложено поради усвојувањето на новата методологија.
„На средбата беше постигнат апсолутен консензус и од страна на сите лидери, вклучително и од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, беше поддржан ставот дека на Република Северна Македонија ѝ е потребно членство во Европската Унија, а не учество во алтернативни облици на соработка со ЕУ, затоа што на земјата покрај економска интеграција ѝ е потребна и политичка интеграција и усвојување на демократските стандарди и вредности – владеење на правото, независно судство и медиуми, човекови слободи и права. Во таа насока, сите присутни заклучија дека не треба воопшто да се размислува за алтернативи, туку земјата треба да продолжи со засилено темпо за реализирање на стратешката цел – полноправно членство во ЕУ“, се наведува во соопштението од претседателскиот Кабинет.
Што претставува ЕЕЗ?
ЕЕЗ се базира на истите „четири слободи“ како и ЕУ: слободно движење на добрата, луѓето, услугите и капиталот меѓу земјите на ЕЕЗ. Членките на ЕЕЗ имаат бесцарински пристап до единствениот европски пазар и на нив се применува регулативата на ЕУ во однос на конкуренцијата, државната помош, јавните набавки и интелектуалната сопственост.
Сепак, слободното движење на луѓето во рамките на ЕЕЗ се однесува само на економски активното население, како и на студентите. За возврат, овие земји мораат да усвојат дел од законите на Европската Унија.
По проширувањето на ЕУ/ЕЕЗ во 2004 г. дошло до десетократно зголемување на финансискиот придонес на земјите-членки на ЕЕЗ, особено на Норвешка, во социјалната и економска кохезија на внатрешниот пазар (1167 милиони евра за 5 години).
Според Договорот за основање на ЕЕЗ, членки на ЕЕЗ може да бидат само земјите кои се членки на ЕУ или на ЕФТА. Притоа, секоја земја може да стане членка на ЕЕЗ со доставување апликација до Советот, врз основа на процедурите наведени во Договорот.
Инаку, Европската економска зона (ЕЕЗ) била основана на 1 јануари 1994 година, врз основа на договорот меѓу земјите-членки на Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА) и Европската заедница, односно Европската Унија. Овој договор дозволува Исланд, Лихтернштајн и Норвешка да учествуваат во внатрешниот пазар на ЕУ без редовно членство во ЕУ.
За возврат, тие се обврзани да ги усвојат сите закони на ЕУ кои се поврзани со единствениот пазар, освен законите поврзани со земјоделството и рибарството. Притоа, една од членките на ЕФТА, Швајцарија, не се приклучила на ЕЕО.