ШТО ВИ Е ВИНОВНА МИСИРКАТА? Активистите од „Анима мунди“ им се налутија на демонстрантите пред Собранието (ФОТО)
„Мисирката е, исто како и човекот, чувствително и свесно битие, способно за емоции и наспроти општото убедување, мисирката е интелигентно животно кое во случајов никому ништо не му згрешила“, велат од „Анима мунди“.
Не се бара правдина за себе со чин во кој на друго битие му создавате болка, траума, невиден стрес и го лишувате од сѐ што е за него приодно. Ваква е реакцијата од здружението за заштита на животните „Анима мунди“ откако синоќа демонстрантите пред Собранието донесоа мисирка.
„Мисирката е, исто како и човекот, чувствително и свесно битие, способно за емоции и наспроти општото убедување, мисирката е интелигентно животно кое во случајов никому ништо не му згрешила“, велат од „Анима мунди“.
Од здружението велат дека го поддржуваат правото на протест и веруваат во силата на народот, но најостро го осудуваат мачењето животни и додаваат дека тоа никогаш не било, ниту ќе биде досетливо, креативно и човечно.
„Приморување на животно да биде меѓу таква толпа народ, со врзани екстремитети, кубено, тегнето, обезличено како да е предмет а не жива душа, е најодвратен облик на мачење на животно. Бараме од организаторите и сите присутни да не бидат инертни пред стравот на ниту едно живо битие и да се оневозможи злоупотреба на животни за какви било цели! Бараме јасна и недвосмислена осуда на чинот и никако да не се повтори! Бараме птицата итно да се ослободи во нејзината природна средина, или да ни се предаде ако за другото не постои алтернатива“, порачуваат од „Анима мунди“.