Што треба да се прави со историските прашања? Ништо! Да не се решаваат!
„Проблем е непријатна состојба на нештата за којашто има решение. Кога нешто нема решение, тоа не е проблем, тоа е само несреќа“, вели софискиот политиколог Кјуранов. И затоа препорачува Скопје и Софија да не ги решаваат историските прашања, туку да ги заобиколат. Може ли од оваа теза да се произведе политика? Може ли да се живее со две различни и спротивставени разбирања на историјата? Се разбира дека може, а што друго се случува од 1950-тите до денес?
Има овде во Македонија луѓе кои велат дека сè уште не им е јасно зошто во преговорите Бугарија инсистира на корпусот историски прашања. На пример, така вели претседателот Стево Пендаровски.
Во интервју за Еуроњуз, шефот на македонската држава потсетува на билатералниот договор за добрососедски односи што во 2017 година го потпишаа премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов. „И после тоа, одеднаш – сè уште не знам кој е главниот мотив што стои зад тоа – почнаа да зборуваат за историјата, за тоа дека историјата е предуслов за напредок кон Брисел. И можам да ви кажам дека сите ние на овој крај на овој политички јаз, или дискусија ако сакате, бевме фатени во тесно и неподготвени. Дури и денес, навистина не сум сигурен за вистинските мотиви на нивната страна, зошто историјата беше толку важна за нив“, вели Пендаровски.
Што сакаше да ни каже Пендаровски?
Се разбира, јас не верувам дека Пендаровски е од оние луѓе на кои нешто навистина не им е јасно во врска со спорот меѓу Софија и Скопје. Тој е само внимателен и љубезен, во обид да ја разбуди совеста на Европјаните и да им објасни дека ова што ѝ се случува на Македонија „никогаш не му се случило на ниту еден друг кандидат за членство во ЕУ“. Напротив, сигурен сум дека нашиот претседател многу добро знае кои се вистинските мотиви поради кои Бугарите инсистираат да се преговара токму за историјата и зошто за нив тоа прашање е толку важно, всушност клучно.
Мотивите на бугарската држава се познати, обелоденети и совршено јасни, но не од вчера, ниту од 2017 година, туку со децении, некаде од 1950-тите години. За тие што навистина не знаат, за аџамиите и за сите на кои можеби и може да им се припише блажено незнаење, ќе објаснам нешто што би требало да го знае секој просечно образован Македонец на возраст над 50 години.
За Бугарија т.н. заедничка историја опфаќа период од раниот среден век до 1945 година (значи, најмалку десет века). Според бугарските историчари, луѓето кои во тој период живееле на просторот прецизно означен на мапата на Санстефанска Бугарија, се Бугари и говорат бугарски јазик. Но, поради историските околности во 20 век и под влијание на Коминтерната, а подоцна на Тито и на Србија, по Втората светска војна народот на просторот на денешна Македонија е промовиран во Македонци, а јазикот е „србизиран“ и како таков, кодифициран е како македонски јазик. Ете, тоа е, сосема накусо, верзијата на нашата „заедничка“. Од Македонија се бара да ја прифати.
Можеби Пендаровски сакал да го постави прашање каква е воопшто вредноста на еден ваков наратив и што навистина може Бугарија да постигне, уценувајќи ја Македонија да го прифати. Некои македонски интелектуалци од пропагандната ергела на Заев ги охрабруваат македонските политичари да се согласат со сите софиски барања, бидејќи согласноста нема да произвела никаква вредност во реалниот живот. Но, таа нивна теза одамна е разобличена, а софиските политичари секојдневно се трудат да објаснат каков е планот. А тој, планот, воопшто не е наивен, се разбира.
Последната изјава што ја регистрираме е на министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчева, за Бугарското национално радио. Освен „Бугарите во Северна Македонија да бидат вклучени еднакво со сите останати народи во нејзиниот Устав“, Софија, според Генчева, ќе бара да се подготви календар за заедничко чествување на личностите од „заедничката“ историја за кои веќе е постигната согласност, а ќе се бара да почне и „процес за осовременување на наставните програми“ во нашата земја.
Ете зошто историјата е толку важна за Бугарите. Од ова појасно, здравје!
Софија инсистира Скопје да прифати таква „заедничка“ историја каква што познаваат, учат и разбираат Бугарите. И бара таа историја да биде запишана во македонските учебници.
Според таа историја, моите внуци и внуците на Стево Пендаровски на училиште ќе учат дека нивните дедовци (јас и Стево, значи) сме потомци на „србизирани“ Бугари и дека нашите (моите и на Стево) татковци, дедовци и прадедовци биле Бугари и зборувале бугарски јазик до 1945 година. И затоа ќе стане нормално и природно кај нашите внуци (моите и на Стево) да се создаде и да се институцуионализира свест за нивното бугарско потекло, а пожелно и „блгарско самочувствие“. Кое, пак, во блиска иднина би можело да доаѓа во пакет со диплома на еден од трите бугарски универзитети во Македонија (јас велам ќе има три, а зошто не пет?), со бугарски пасош, со членство во една идна најбрзорастечка политичка сила (партија) на Бугарите во Македонија, со државна работа во Скопје или со работа каде било во Европска унија …
Дали навистина сме фатени неподготвени?
Лупам глупости? Дали сево ова навистина никогаш не му се случило на ниту еден кандидат за членство во ЕУ? Дали на ниту еден кандидат до сега не му биле оспорувани историјата, името и идентитетот? Дали ниту еден кандидат досега не бил принудуван и принуден да си ги смени националните обележја, Уставот и името? Јас се сеќавам на една таква страдна земја кандидатка …
Се сеќава и Пендаровски, се разбира. Го знае тоа и новиот премиер Димитар Ковачевски, кој неодамна изјави дека е добро „за историјата да разговараат историчарите, а за политиката – политичарите“. Она што претседателот, всушност, сака да каже, е дека не му е јасно како тоа после еден позитивен импулс во 2017 година (Договорот за добрососедство) Заев и Борисов веднаш отвораат дебата за историјата, при што тие теми стануваат некаков бенчмарк, а ние, „србизираните“, сме фатени „во тесно и неподготвени“.
Додуша, не сме баш сите фатени такви – имаа оваа земја потковани историчари, а и политичари и други јавни личности кои добро ја познаваат македонската историја – но таков бил впечатокот, му верувам на Пендаровски. Бидејќи навистина не знаеме што сè изнатрескал „историчарот“ во ликот на политичарот Заев на сеансите со Борисов. Познавајќи ја неговата (на Заев) широка ерудиција и веќе докажана експертиза за прашањата од лингвистиката (особено неговото практично познавање на многу јазици, вклучувајќи го и бугарскиот јазик со Петрички дијалект), можеме да претпоставиме колку поранешниот премиер ги охрабрил бугарските политичари со своите „толерантни“ и „инклузивни“ разбирања на т.н. заедничка историја.
За среќа, Заев сега е политички пензионер. Верувам дека на актуелните македонски политичари им е јасно дека со Софија веќе не треба да се преговара за историските прашања. Јас би го кажал тоа отворено, но можеби дипломатската учтивост наложува прво да се побара замрзнување на работата на комисијата за историски прашања, а енергијата да се насочи кон другите теми отворени во досегашниот дијалог меѓу новите премиери Ковачевски и Кирил Петков. Како и да е, станува сè појасно дека секој разговор за историјата сериозно го компромитира и го блокира дијалогот меѓу Бугарија и Македонија.
Сè што е историја е гаранција за нова стагнација!
Причините за тоа одлично го објаснува бугарскиот политиколог Дејан Кјуранов, во интервју за Дојче Веле. Тој е доктор по филозофија, политиколог и основач на Центарот за либерални стратегии во Софија.
Да бидам искрен, одамна не сум прочитал толку точни, прецизни и сликовити експликации на суштината на проблемот меѓу Скопје и Софија. За разлика од нашите пропагандисти од ергелата на Заев, кои своето кокетирање со антимакедонизмот мораат да го кријат со екстремна цитатоманија, со метафоричен говор, со неконзистентност и постојани „бразвурозни“ пресврти во тезите (за да не се сфати дека „тази дупка не е дупка“), политикологот Кјуранов говори отворено и храбро, фокусиран на срцевината на проблемот.
„Мислам дека сè што не е историја може да биде основа за поправање на односите. И обратно – сè што е историја е гаранција за нова стагнација, ако не и за неуспех“, вели бугарскиот политиколог. На прашањето на Дојче Веле како да се реши историскиот проблем, Кјуранов дава моќен одговор: „Да не се решава. Проблем е непријатна состојба на нештата за којашто има решение. Кога нешто нема решение, тоа не е проблем, тоа е само несреќа. Можеби е непријатно, но ако не можеме ништо да направиме, подобро е да му свртиме грб и да работиме на работите што можеме да ги поправиме“.
Појасно, здравје. Да не се решава!
Да повторам, за нашиве локални политичари во Скопје да си запишат и да научат наизуст: „Проблем е непријатна состојба на нештата за којашто има решение. Кога нешто нема решение, тоа не е проблем, тоа е само несреќа“.
Значи, тој што ќе се обиде да решава нешто за коешто нема решение, не решава проблем, се занимава со нашата заедничка, но и со сопствената несреќа. Спас од несреќата има, а тоа е да се заобиколи, да ѝ се сврти грбот, да се работи на нештата што може да се поправат.
Ете, толку е просто. За тие што имаат акал во главите.
Може да се живее со разликите, не може со несреќата
Во почетокот на јануари, во едно писмо до мој пријател, кое всушност е анализа на спорот меѓу Македонија и Бугарија, меѓу другото, напишав: „Ако Скопје и Софија никако не можат да се согласат во ’читањето‘ на т.н. заедничка историја (ах, пак ќе речам, голема беља направил г-н Заев прифаќајќи го тој термин), нека се согласат, нека декларираат дека постојат две ’читања‘, две разбирања, две интерпретации на сите спорни историски прашања. При што, двете страни (државите) би се обврзале во иднина да вложат напори историчарите, лингвистите и другите научници од двете земји похрабро да трагаат по историските вистини и меѓу себе да соработуваат“.
Може ли да се живее со две различни и спротивставени разбирања на историјата? Се разбира дека може, а што друго се случува од 1950-тите до денес? Ние веќе осум децении живееме со сознанието дека во соседна Бугарија има едно поинакво разбирање на нашата историја, за нашата етногенеза и за потеклото на нашиот јазик. Тоа разбирање од нас не направи Бугари. Таква глупост можеме само самите да направиме, ако ги прифатиме уцените од Софија и ако дозволиме нашата историја и нашите учебници да се пишуваат во софиските кабинети.
Или, со зборовите на Кјуранов, никој не може да нè натера да се занимаваме со таа несреќа, освен ако самите не се нафатиме на тоа. Ништо страшно нема да се случи ако престанеме да преговараме за тој проблем за кој објективно не постои решение и за кој најмногу што можат да сторат двете држави е да декларираат дека разбираат дека постојат разлики, кои не се пречка тие да се свртат кон другите предизвици, кон прашањата за кои има и решенија и добра перспектива. Запрашан дали Бугарија во таков случај ќе го симне ветото, Кјуранов одговара: „Не знам дали ќе биде годинава, но Бугарија ќе го тргне ветото. Тоа е очигледно. И најжестокиот националист, ако си го праша срцето, ќе си рече: ’На крајот на краиштата, нема начин‘. Оваа позиција не може да се одржи долго. Целта е да добиеме колку што можеме и да го замениме за нешто. Но и тоа не се случува. Досега за Бугарија политичките ефекти се само негативни. Сите гледаат дека одиме по стапките на Грција. Но и Грција на крајот отстапи“.
Заклучокот е тука. Што треба да се прави со историските прашања – да не се решаваат! Спротивно на очекувањата дека еден таков став ќе предизвика политички земјотрес или блокада на односите меѓу Македонија и земјите членки на ЕУ, јас сум убеден дека ќе победи оптимизмот на Кјуранов и визионерството на новата генерација софиски политичари. Како што пред 30 години победи храброста на Жељу Желев, кога Бугарија воспостави дипломатски односи со независна Македонија.