Што сте запнале за Мерко, каде ви е обвинителот Јовески?!

Рамиз Мерко сака да ни каже дека тоа што САД го ставиле на некаква „црна листа“ е еталон на нашето лицемерие. Во право е! Кој има вистинска намера нешто да сработи против корупцијата, да се фати за работата што произлегува од неговите дневни должности. Некој треба да му врз учкур на јавниот обвинител Љубомир Јовески и него да го праша каде му се обвиненијата против Мерко. До тогаш, сѐ е само чаталење и паламудење. Но, ако се чепне Јовевски, многу луѓе од власта ќе мора на Фејсбук да ги објават своите слики со Анџела Агелер. И да го цитираат Вудро Вилсон...

6,784

Не бев сигурен дека бев сосема во право кога пред некој ден напишав дека целата работа околу американскиве „црни листи“, барем што се однесува до Македонија, сепак е само хипокризија.

Но еве, тоа што сега некои се обидуваат да прикажат дека „оцрнувањето“ на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко било некаков еталон за борбата против корупцијата во Македонија, ми ги отстранува сите дилеми.






Нема ништо од вистинска борба против корупцијата во оваа земја, драги мои!

Институциите меѓу себе водат јалови полемики за тоа кој поднел претставки против контроверзниот стружанец, кој не ги примил и зошто. Се дебатира кој требало да му поднесе пријава или обвинение. Се бараат стари пријави и обвиненија во некакви скриени долапи во локалните обвинителства. Читаме деманти, контрадеманти и меѓусебни обвинувања за тоа кој пропуштил да реагира и зошто.

Тешки глупости!

За да биде манипулацијата уште поголема, пропагандистите на СДСМ се обидуваат на „оцрнувањето“ на Мерко да му дадат некакво скриено значење, кое што тие и само тие можат да го „дешифрираат“ и да откријат за кого била пораката и што значела таа.

Какви недоветни спинови!

А Мерко на сите им одржа лекција. Седнал човекот и на Фејсбук напишал дека од претседателот Вудро Вилсон до денес, САД биле наш сојузник. И дека тој (Мерко) секогаш ја поддржувал „континуираната американска поддршка за нашата земја и граѓаните на Струга“. Кој знае што би било без таа поддршка. Од Мерко, мислам. И на крајот, човекот објавил и фотографии со американската амбасадорка Анџела Агелер.

Шлаааап!

Е тука, обаче, порака има. И тоа прилично незгодна.

Ајде сега, сдсмовски шамани, обидете се да протолкувате што сакал Мерко да ни каже со објавувањето на тие фотографии!

Јас мислам дека не треба да си многу паметен за да сфатиш дека стружанецот од ДУИ на сите од својата сорта им порачува дека се ама баш исти како него и дека затоа сите имаат исти или слични слики со амбасадорката Агелер. А таа, како што е општо познато, нели, е најголемиот борец против корупцијата во нашата земја.

Овој човек, во чиј лик, според ломброзијанските стереотипи, се препознава нешто што би можело да се нарече криминоген сурат, на сите ни порачува – ако сум јас таков никаков, тогаш што бара Анџела до мене на сликиве?

Не е тоа сосема глупаво прашање. Не знаела ли американската амбасадорка баш ништо за обвинувањата на сметка на Мерко, за приказните за неговото фамозно „ауди“, за тоа дека за него се интересирале повеќе институции, меѓу кои и Управата за финансиска полиција?

Ако не знаела, проблем е тоа.

А ако знаела, а сепак решила да се слика, уште поголем проблем.

Како и да е, Рамиз Мерко сака да ни каже дека тоа што САД го ставиле на некаква „црна листа“ не е и не може да биде единица мерка на борбата против корупцијата.

И дека сето тоа попрво ќе е еталон на нашето лицемерие.

Во право е!

И затоа, молам овде никој да не ни продава морал и карактер!

Тие нешта немаат никаква врска со борбата против корупцијата.

Бидејќи, како што ќе рече спомнатиот Вудро Вилсон, карактерот е нуспродукт што се произведува во големата фабрика на дневните должности.

Затоа, кој има вистинска намера нешто да сработи против корупција, да не се чатали, да не паламуди и да се фати за работа што произлегува од неговите дневни должности. За кои прима плата. Од наши пари.

Амбасадорката Агелер, пак, да си седне и да ни напише второ писмо. Веќе ѝ кажав на кои адреси треба да се испрати тоа ново писмо. После некој „пријателски“ медиум ќе го објави писмото.

Првата адреса е државниот јавен обвинител Љубомир Јовески. И за случајот на Мерко, ама и за сите други грди состојби во македонското правосудство. Тој е една од клучните инсталации на поранешниот премиер Зоран Заев во клучните обвинителства и судови. Не е единствен, се разбира, но е прв на листата.

Со години за Мерко се бруи во медиумите, но до Јовески не допираат гласовите. Тој си ги брка своите обврски дадени од неговите заштитници. Плус глуми карактер. Многу сакале да го направат уставен судија, тој нејќел, ама морал да им угоди, па се бори со месеци за новата функција.

Прави сѐ, само не си ја гледа должноста.

Сакате аргументи? Па што значи ова глупирање со наводните „контроли“ во локалните обвинителства за „откривање“ на предметите за струшкиот градоначалник? Уште ли некој сака да нѐ убеди дека Јовески и неговите пајташи нешто работат? Некој сака да ни каже дека во оваа земја не се знае во чија фиока се чуваат предметите за лицата од висок профил во македонската политика?

Дајте бе, не заебавајте, аман!

Секој што е подобро информиран за тажните состојби во Македонија знае кои се клучните тезги на кои се врши груба трговија со влијание во правосудствтото. Сите знаат кои луѓе ги влечат конците. И секако, на сите им е јасно дека ваква корупција е невозможна без длабоки и трајни врски на тие луѓе со топ фаците од извршната власт и од најмоќните политички партии.

Затоа ми е згадено од ова лицемерие!

И од ова глумење борба против криминалот и корупцијата.

„Ако сакаш да си создадеш непријатели, обиди се да смениш нешто“, рекол спомнатиот Вудро Вилсон. Омилениот лик на Рамиз Мерко. Покрај Анџела Агелер, јасно.

Бидејќи не сме слепи и сите гледаме дека сите луѓе од власта пријателски мудруваат на темава и ентузијастички си се сликаат пред да бидат „блеклистирани“, јасно е дека овде нема никаков обид да се направи промена.

Ниту ќе има. Во догледно време.

Поврзани содржини