ШТО СОДРЖИ МИРОВНИОТ ПЛАН НА ТРАМП Белата куќа го објави документот во 20 точки

81

Американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјавија дека се согласиле околу план во 20 точки за да ѝ се стави крај на војната во Газа.

Во продолжение е целосниот текст на предлогот, објавен од Белата куќа:






1. Газа ќе стане дерадикализирана зона без тероризам, која нема да претставува закана за своите соседи.

2. Газа ќе биде обновена во корист на нејзините жители, кои веќе доволно страдаа.

3. Доколку двете страни се согласат со овој предлог, војната ќе престане веднаш. Израелските сили ќе се повлечат до договорената линија за подготовка за ослободување на заложниците. Во тој период сите воени операции, вклучувајќи ги и воздушните и артилериските напади, ќе бидат прекинати, а линиите на фронтот ќе останат непроменети сè додека не се исполнат условите за целосно, постепено повлекување.

4. Во рок од 72 часа по јавното прифаќање на овој договор од страна на Израел, сите заложници – живи и починати – ќе бидат вратени.

5. Откако сите заложници ќе бидат ослободени, Израел ќе ослободи 250 лица осудени на доживотен затвор, како и 1.700 жители на Газа уапсени по 7 октомври 2023 година, вклучувајќи ги сите притворени жени и деца. За секој израелски заложник чии посмртни останки ќе бидат вратени, Израел ќе ги предаде останките на 15 починати жители на Газа.

6. Откако ќе бидат вратени сите заложници, членовите на Хамас што ќе се обврзат на мирен соживот, ќе го положат оружјето и ќе добијат амнестија. На членовите на Хамас што ќе посакаат да ја напуштат Газа ќе им биде овозможен безбеден премин до земјите што ќе ги прифатат.

7. Со прифаќањето на договорот, хуманитарната помош веднаш ќе почне да пристигнува во Појасот Газа. Нејзиниот обем ќе биде најмалку ист како во договорот од 19 јануари 2025 година и ќе опфати обнова на клучната инфраструктура – вода, електрична мрежа и канализација – како и реконструкција на болници и погони за производство на леб. Во Газа ќе биде дозволен и влез на неопходна механизација за расчистување на урнатините и отворање на патиштата.

8. Дистрибуцијата и доставата на хуманитарната помош во Појасот Газа ќе се одвиваат без мешање од двете страни, преку Обединетите нации и нивните агенции, Црвената полумесечина, како и преку други меѓународни организации што не се поврзани со ниту една од страните во конфликтот. Отворањето на граничниот премин Рафах во двата правца ќе се спроведува според истите механизми утврдени со договорот од 19 јануари 2025 година.

9. Газа ќе биде управувана од привремена технократска и неполитичка палестинска комисија, задолжена за секојдневното функционирање на јавните служби и општините во корист на граѓаните на Газа. Комисијата ќе биде составена од квалификувани Палестинци и меѓународни експерти, под надзор и супервизија на ново меѓународно преодно тело – Совет за мир, со кое ќе раководи и ќе претседава претседателот Доналд Трамп. Другите членови и државни лидери што ќе бидат дел од ова тело, меѓу кои и поранешниот британски премиер Тони Блер, ќе бидат дополнително објавени. Ова тело ќе го постави рамковниот модел и ќе го управува финансирањето за обновата на Газа, сè додека Палестинската управа не ја заврши својата програма за реформи – како што е предвидено во повеќе предлози, вклучувајќи ги и мировниот план на претседателот Трамп од 2020 година и саудиско-францускиот предлог – и не може безбедно и ефикасно да ја преземе контролата врз Газа. Советот ќе се повикува на најдобрите меѓународни стандарди за воспоставување современо и ефикасно управување што ќе им служи на жителите на Газа и ќе создаде услови за привлекување инвестиции.

10. Планот за економски развој на Трамп за обновување и заживување на Газа ќе биде подготвен преку формирање панел од експерти што помогнале во создавањето на некои од најуспешните современи градови на Блискиот Исток. Многу добронамерни меѓународни групи веќе имаат подготвено интересни инвестициски предлози и идеи за развој, кои ќе бидат разгледани со цел да се усогласат безбедносните и управувачките рамки што ќе овозможат привлекување инвестиции, создавање работни места, можности и надеж за иднината на Газа.

11. Ќе биде воспоставена специјална економска зона со поволни царински и пристапни услови, кои ќе бидат договорени со земјите учеснички во процесот.

12. Никој нема да биде принуден да ја напушти Газа, а оние што ќе посакаат да заминат ќе можат слободно да го сторат тоа и подоцна да се вратат. Целта е луѓето да останат и да им се даде можност да изградат подобра иднина во Газа.

13. Хамас и другите вооружени фракции се согласуваат да немаат никаква улога во управувањето со Газа – ниту директно, ниту индиректно, ниту во каква било форма. Целокупната воена, терористичка и офанзивна инфраструктура, вклучувајќи ги и тунелите и постројките за производство на оружје, ќе биде уништена и нема да се обновува. Ќе се спроведе процес на демилитаризација на Газа под надзор на независни набљудувачи, кој ќе вклучи трајно отстранување и деактивирање на оружјето преку договорена процедура за разоружување. Тој процес ќе биде поддржан со меѓународно финансирана програма за откуп на оружје и реинтеграција на поранешни борци, чија имплементација ќе биде проверувана од независните набљудувачи. Новата Газа ќе биде целосно посветена на изградба на просперитетна економија и на мирен соживот со соседите.

14. Регионалните партнери ќе дадат гаранции дека Хамас и другите фракции ќе ги исполнат своите обврски и дека новата Газа нема да претставува закана ниту за соседите ниту за сопственото население.

15. Соединетите Американски Држави ќе соработуваат со арапските и меѓународните партнери за развој на привремена Меѓународна стабилизациска сила (ИСФ), која веднаш ќе се имплементира во Газа. ИСФ ќе обучува и ќе им дава поддршка на проверените палестински полициски сили во Газа и ќе се консултира со Јордан и со Египет, кои имаат големо искуство во оваа област. Оваа сила ќе претставува долгорочно решение за внатрешната безбедност. ИСФ ќе соработува со Израел и со Египет за обезбедување на граничните области, заедно со новообучените палестински полициски сили. Клучно е да се спречи влезот на муниција во Газa и да се овозможи брз и безбеден проток на стоки за обновување и оживување на Газа. Страните ќе се договорат за механизам за избегнување судири.

16. Израел нема да ја окупира или анектира Газa. Додека Меѓународната стабилизациска сила воспоставува контрола и стабилност, Израелските одбранбени сили (ИДФ) ќе се повлечат врз основа на стандарди, јасни контролни точки и временски рокови поврзани со демилитаризацијата, кои ќе бидат договорени меѓу ИДФ, ИСФ, државите што ќе гарантираат за спроведувањето на договорот и Соединетите Американски Држави. Целта е безбедна Газа, која повеќе нема да претставува закана за Израел, Египет или за нивните граѓани. Практично, ИДФ постепено ќе ѝ ја предадат окупираната територија на ИСФ во согласност со договорот што ќе го постигнат со привремената власт, сè додека целосно не се повлечат од Газа, со исклучок на ограничено присуство во граничниот безбедносен појас, кое ќе остане до целосно елиминирање на ризикот од повторни терористички закани.

17. Ако Хамас го одложи или го одбие овој предлог, горенаведеното, вклучувајќи ја и зголемената операција за испорака на помош – ќе се спроведува во областите ослободени од терор што ИДФ ќе ѝ ги предадат на ИСФ.

18. Ќе биде воспоставен процес на меѓурелигиски дијалог заснован на вредностите на толеранција и мирен соживот, со цел да се променат ставовите и наративите меѓу Палестинците и Израелците преку нагласување на придобивките што произлегуваат од мирот.

19. Додека напредува обновата на Газа и кога програмата за реформи на Палестинската управа ќе се спроведува доследно, може конечно да се создадат услови за веродостоен пат кон палестинско самоопределување и државност што се признава како легитимна аспирација на палестинскиот народ.

20. Соединетите Американски Држави ќе воспостават дијалог меѓу Израел и Палестинците за постигнување политичка рамка што ќе овозможи мирен и просперитетен соживот.

Поврзани содржини