ШТО СИ КАЖАА ЗЕЛЕНСКИ И ТРАМП ВО ВАТИКАН? Без Виткоф и Венс, средбата поминала опуштено, а зборувале и за Путин
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во средбата повторил дека нема да го признае Крим како руски, а претседателот на САД, Доналд Трамп, бил јасен дека не го бара тоа од него, според еден извор. Планот предвидувал само американско признавање, но не и украинско.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, максимално ги искористил своите 15 минути со претседателот на САД, Доналд Трамп, во Ватикан, притискајќи го да заземе поостар став кон Владимир Путин и да го врати приоритетот на примирјето, изјавиле два извора, запознаени со саботната средба, за Аксиос.
Зошто нивната средба е важна?
Советниците на Зеленски биле поделени околу тоа дали тој воопшто треба да ја ризикува тет-а-тет средбата по катастрофата во Овалната соба. Но, по средбата, Зеленски почувствувал дека за првпат успеал да го промени ставот на Трамп во однос на Путин, велат изворите.
На пат кон САД, во претседателскиот авион „Ер форс уан“, Трамп упати невообичаена закана кон Путин како одговор на масовен воздушен напад врз Киев.
„Ме тера да помислам дека можеби не сака да ја запре војната, туку само ме влече за нос… можеби треба да се третира поинаку, преку банки или секундарни санкции?“, напиша Трамп на неговата социјална мрежа Трут сошал.
Советниците на Зеленски сѐ уште биле потресени од сцените во Белата куќа
Зеленски добил „сигнали“ пред погребот на папата Франциск дека Трамп е подготвен за средба на маргините на настанот, велат изворите.
Советниците на Зеленски биле нервозни, а некои – сè уште потресени од сцените во Белата куќа на 28 февруари – му рекле дека не се сигурни дали средбата е добра идеја.
Ништо не било договорено однапред, а идејата била да се сретнат по погребот, рекол еден од изворите.
Но, лидерите случајно се сретнале при пристигнувањето и нашле место за приватна средба во базиликата „Свети Петар“.
Трамп рекол дека треба да го смени својот пристап кон Путин?
Зеленски му кажал на Трамп дека Путин нема да попушти доколку не му се изврши поголем притисок, велат изворите.
Еден извор вели дека Трамп одговорил дека можеби ќе треба да го смени својот пристап кон Путин – нешто што подоцна и го напиша на Трут сошал.
Зеленски, исто така, го повикал Трамп да се врати на своето првично барање за безусловно примирје како почетна точка за мировни преговори – предлог што Украина го прифатила, но Русија го одбила.
Еден извор вели дека изгледало оти Трамп се согласува. Белата куќа не го потврди ниту, пак, го демантираше ова. Портпаролот на Зеленски одби да коментира за содржината на средбата.
„Украина не мора да го признае Крим, но САД ќе го признаат“
Кога не успеа притисокот за примирје, администрацијата на Трамп се префрли на туркање рамка за мировен договор, што Зеленски ја одби делумно бидејќи предвидува признавање на Крим како руска територија.
Зеленски во средбата повторил дека нема да го признае Крим како руски, а Трамп бил јасен дека не го бара тоа од него, според еден извор. Планот предвидувал само американско признавање, но не и украинско.
Изворот додава дека Зеленски му рекол на Трамп дека не се плаши да направи отстапки за да ја заврши војната, но дека му се потребни силни безбедносни гаранции за да го направи тоа.
Трамп, пак, го притискал Зеленски да го потпише договорот меѓу САД и Украина за минерали што е можно поскоро, вели изворот.
– Не коментираме за тековни преговори или за приватни разговори на претседателот со светски лидери – изјави за Аксиос портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
Виткоф и Венс не биле присутни, па Трамп и Зеленски се опуштиле?
Изворите велат дека една од причините зошто оваа средба поминала подобро била и тоа што потпретседателот Венс и специјалниот пратеник Стив Виткоф, кои Украинците ги сметаат за повеќе наклонети кон руската страна, не биле присутни.
Зеленски требало да даде интервју за „Еј-Би-Си дис вик“, во неделата наутро, но решил да го откаже поради технички проблеми со преводот.
– Средбата беше одлична и Зеленски не сакаше да ризикува со недоразбирања – рекол изворот.
Каква иднина ја чека Украина?
Не е јасно дали построгиот тон на Трамп кон Путин ќе трае.
Во интервју за Еј-Би-Си њуз, емитувано во вторникот вечер, Трамп повторно изјавил дека „Путин можеби само го влече за нос“, но дека сè уште верува дека тој сака да ја заврши војната.
Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, повтори во вторникот дека администрацијата е подготвена да се „повлече како посредник“ ако наскоро нема напредок.