Што се тоа говор на омраза и фашизам?!
Злосторствата на фашизмот во никој случај не смеат да му се припишуваат на цел еден народ. И тука зборот „фашисти“ во наведениот контекст, не претставува говор на омраза, затоа што тоа не се однесува на мирољубивиот бугарскиот народ туку на тогашната државна идеологија.
За време на Самиот ЕПП-ЕУ Западен Балкан на 5 октомври оваа година, зборувајќи за ветото на Бугарија кон Македонија во евроинтеграциските процеси, бугарскиот претседател Румен Радев рече: „Не можеме да кажеме „да“ пред да видиме одржливи механизми за искоренување на искривениот наратив и намерниот однос кон Бугарија од учебниците, музеите, спомениците, до медиумите и државната политика“.
Искривениот наратив и намерниот однос кон Бугарија од учебниците, музеите, спомениците и другите, според Радев, значи да се брише придавката „фашисти“ од реченицата „бугарски окупатори“ зашто таа придавка не била во прилог на пријателските меѓусоседски односи.
Бугарскиот филозоф и поранешен претседател на држава Жељу Желев, во својата книга „Фашизмот – тоталитарната држава“, преведена на неколку јазици и промовирана и во Македонија, пишува дека постојат многу дефиниции за фашизмот, но како најприфатлива за него била дефиницијата на неговиот професор Николај Генчев, кој фашизмот го опишува како „рана и несистематизирана варијанта на комунизмот“.
Во едно интервју за мадридски АБЦ весник, по повод дваесетгодишнината на промените што настапија во Источна Европа во 1999 година, тој се изразил дека комунизмот бил тоталитарен режим, многу полош од фашизмот.
Винстон Черчил, британски политичар и премиер кој има големи заслуги во Втората светска војна за победата над фашизмот, во една пригода изјавил дека „фашизмот е грдото дете на комунизмот“.
Една дефиниција од Школата за применета политика на универзитетот „Sherbrrooke“, Квебек, Канада, го опишува фашизмот како политичка доктрина, која ги отфрла либерализмот, марксизмот, индивидуализмот и парламентарната демократија. Фашизмот, пишува во текстот, се залага за институционализација на диктатурата, харизматичниот култ на личноста, корпоратизмот, единствената партија и етничкиот национализам.
На прашањето кој е виновен за злосторствата на фашизмот, Желев одговара дека „вистината е проста“, дека виновни се, како државните раководители, така и партиските, исто како и генералите, индустријалистите и полицајците. Со еден збор, виновни се сите тие што ѝ служеа на таа држава и на тој начин учествуваа во креацијата на таквиот систем.
И тука јасно се гледа дека злосторствата на фашизмот во никој случај не смеат да му се припишуваат на цел еден народ. И тука зборот „фашисти“ во наведениот контекст, не претставува говор на омраза, затоа што тоа не се однесува на мирољубивиот бугарскиот народ туку на тогашната државна идеологија.
„…Тоа го опфаќа фактот дека фашистичкиот систем е криминален во својата основа затоа се потпира на злосторство и секој вид на физички, политички, морален и идеолошки терор. Фашизмот не може да опстои без злосторства“ заклучува Желев. (Zheliu, ZH,. Fashizmi-shteti totalitar, стр. 223)
Зборувајќи за промената на имињата на бугарските Турци за време на комунизмот, Желев тој настан го оценил како „суштински културен и духовен геноцид“, изразувајќи жалење дека и тој како шеф на државата, како и институциите на државата, не најдоа време да го осудат Тодор Живков за државен прогон.
И да се вратиме повторно на историјата.
За масакрот во Ваташа на 14 јуни 1943 година, кога се убиени 12 млади партизани, историјата ни раскажува дека „тоа беше дело на бугарска војска и полициски одреди“. Во некои писанија стои дека тоа било дело на „бугарските фашисти и окупатори“. И што тука треба да биде напишано „подемократски и посовремено“? Дали може, на пример, во книгите по историја да пишуваме „бугарски демократски фашисти“ или „бугарски либератори и администратори“?! Кој може да погоди што да се брише а што да остане?
И тука, сметам, има место за компромис со политиката, да кажеме да се олесни евро-интеграцискиот пат на земјата, но нема место за компромис со историјата.
Историјата ни раскажува дека Ваташа не бил единствениот случај на масакар на луѓе од страна на бугарските окупатори за време на Втората светска војна. Во овој контекст треба да се споменува и окупацијата на делови од северо-западна Македонија за време на Првата светска војна уште пред раѓањето на фашизмот и убиството на голем број невини луѓе и насилна мобилизација на млади луѓе и нивно испраќање во разни фронтови да се борат во бугарските воени формации, како што пишуваат во нивни студии Халим Пурелку, Еуген Шеху, Веби Џемаили и други.
Единствено што може да ги ублажи тие рани на убиство на млади и други луѓе, тоа е Радев, или некој друг висок бугарски политичар, да го следи примерот на Макрон, кој со изјава го осуди ,„непростливото злосторство за Републиката“ на крајот на официјалната церемонија за 60-годишнината од демонстрациите што доведоа до смрт на 120 до 200 Алжирци, на 17 октомври 1961 година.
Ако нема симпатии кон Макрон, тогаш Радев може да го следи примерот на Ангела Меркел при нејзината последна посета на Израел и средбата со израелскиот премиер Нафтали Бенет со нејзините зборови: „Се разбира, холокаустот е еден единствен настан за кој ние продолжуваме да сносиме одговорност. Во секоја фаза на минатото и иднината“.
Ете, тоа е во прилог на добрососедските односи! Европа тоа никако не смее да го третира како билатерален спор, туку како бугарски спор со историјата.
Институциите на ЕУ, малку со доцнење, но, сепак, на време бараат Србија да го признае геноцидот врз муслиманите во Сребреница во 1995 година. Јас сметам дека истото треба да го стори и за геноцидот во Рачак, Косово. ЕУ не смее да молчи и да прости геноцидни дејствија во нејзиниот двор!
ПОРАКИТЕ НА ЖЕЛЕВ И КАМИ
Во својата книга „Фашизмот – тоталитарната држава“, Жељу Желев, меѓу другото, ја праќа следната порака, која сметам дека е вредна да ја прочитаат и спроведуваат лидерите на некои земји-членки, кои се претставувале и се претставуваат како бариери на нашиот евроинтеграциски пат.
Од Втората светска војна, пишува Желев, поминати се многу години. Во меѓувреме, млади поколенија зачекориле во нивниот живот. Тие немаат сопствени искуства со фашизмот. Нивните сознанија се од книгите и од многуте филмови. Затоа, продолжува Желев, за многумина од нив, фашизмот повеќе изгледа егзотичен отколку страшен. Во нивните замисли, душевните болки и безбројните страдања што фашизмот им ги наметна на старите генерации, за младите не се толку живи и толку јасни, колку за тие што ги доживеаја тие болки. И времето го има направено своето, продолжува Желев: „Тоа е природно. Сите настани еден ден ќе станат историја. МЛАДИТЕ ПОКОЛЕНИЈА НЕ СЕ ПРИНУДЕНИ ДА ЖИВЕАТ СО ИСТОРИЈАТА, со соништата за страдањата на своите предци“.
Тие имаат други задачи, тежнеат кон нови стремежи. Инаку тие немаше како да се разликуваат од претходните генерации. Но, токму тука се крие големата опасност. Затоа што на тој начин се раѓа една добродушност, едно отсуство на политичко внимание во врска со големите закани на епохата и, истовремено, фашизмот не е само историја. Како потенцијална закана фашизмот постои и сега“, заклучува Желев.
Аналогно на тоа, за опасноста од повторување и повторно раѓање на злото, наместо дефинитивното нејзино исчезнување од Земјината топка, укажуваа многу хуманисти, драматурзи и писатели.
КАКО ДА ГО УНИШТИМЕ „ВИРУСОТ“ НА ИСТОРИЈАТА?
Францускиот нобеловец Албер Ками во својот роман „Чума“ ни раскажува како жителите на градот Оран, едно пристаниште во Алжир, со големи заеднички напори и страдања успеале да ја победат епидемијата на чума.
Опасноста, констатира авторот, е во тоа што вирусот на чумата останал жив и можно е еден ден да нападне друг град на Земјината топка: да кажеме Париз, Њујорк, Рим, и тн. Како што сега ковид-19 (симбол на злото!) ги напаѓа сите светски метрополи и села. Најглавното лежи во тоа човештвото да го уништи вирусот, тоа значи да го искорени злото. И на крај да го парафразирам филозофот и државникот Жељу Желев: „Сите настани еден ден ќе станат историја“.
И непотребните без никаков аргумент евро-интеграциски блокади еден ден ќе станат историја: историја на лошото во добрососедските односи, историја на губење на животната европска перспектива на генерации млади луѓе од Македонија, кои исто како и младите Бугари, имаат право да ги уживаат европските културни, економски, социјални и други придобивки. Тоа не по нивна вина, туку по вина на историјата. Ние изгубивме три децении да бидеме дел од европските вредности и достигнувања поради грчката историја, сега ни се заканува истото со бугарската историја. Можеби утре некоја друга историја, и тоа сѐ додека не го уништиме вирусот на историјата.