Што се случува во Нагорно-Карабах?
Ерменскиот премиер Никол Пашинијан денеска изјави дека моменталните борби на Азербејџан во Нагорно-Карабах, кои тој ги нарекува провокација, биле испланирани претходно.
Азербејџанското Министерство за одбрана соопшти дека нивните вооружени сили зазеле голем број села и стратешки ридови во регионите Фузули и Џабраил, во непосредна близина на Нагорно-Карабах, јави Тасс.
– Како резултат на контранападот на нашите армиски единици ослободени се голем број села и важни ридови што беа под окупација. Борбените операции продолжуваат – рече Анар Ејвазов, шеф на прес-службата на Министерството за одбрана.
Прес-секретарот на ерменското Министерство за одбрана, Шушан Степанијан, возврати дека изјавите на азербејџанското Министерство за одбрана во врска со контролата врз шесте населени места во Нагорно Карабах не одговараат на реалноста.
– Ова е уште една провокација на азербејџанската пропаганда. За време на ескалацијата на контактната линија во Карабах, азербејџанската страна изгуби четири хеликоптери, 15 беспилотни летала, 10 тенкови и борбени возила на пешадија – рече Степанијан.
Претходно, Баку ги демантираше информациите на ерменската страна за три уништени тенкови, два хеликоптера и три беспилотни летала на азербејџанските вооружени сили.
„Единиците на Армијата на одбраната на Карабах се борат во северните, јужните и југоисточните насоки на линијата на контакт, спречувајќи го напредувањето на непријателот. Непријателот претрпе големи загуби во човечка сила и опрема“, напиша Степанијан на Фејсбук.
Парламентот на Азербејџан денеска усвои декрет за воведување воена состојба во поголем број градови и региони во земјата, јави Тасс, дополнувајќи дека ваквиот чекор се должи на влошувањето на ситуацијата во Нагорно Карабах.
Одлуката на азербејџанскиот Парламент мора да биде одобрена од претседателот Илхам Алиев во рок од 48 часа.
Ескалацијата на конфликтот меѓу двете земји се случи утринава, во која двете страни меѓусебно се обвинуваат за почеток на судорот. Во 1991 година, Нагорно-Карабах, населен главно со Ерменци, прогласи независност од Азербејџан. Баку се обиде насилно да го поврати регионот и почна војната. Во 1994 година, Азербејџан, Ерменија и непризнатата Република Нагорно-Карабах, со посредство на Русија, потпишаа протокол за прекин на огнот. Воените операции периодично се обновуваат. Во јули оваа година избувнаа судири на ерменско-азербејџанската граница, околу 300 километри од Карабах. Бројот на жртвите од двете страни тогаш изнесуваше 18 загинати.
Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, во меѓувреме, се придружи на повиците од Турција, Русија, Франција и ЕУ кон двете завојувани земји за деескалација на судирите и враќање кон преговори.
Ерменското Министерство за одбрана соопшти дека соперникот Азербејџан во денешните судири во Нагорно-Карабах изгубил четири хеликоптери, 15 беспилотни летала и 10 тенкови и борбени возила, јавија руските медиуми.
Министерството за одбрана на Ерменија со соопштението до медиумите испрати и снимки од уништените тенкови.
Турција денеска побара Ерменија веднаш да ги прекине непријателствата со Азербејџан, кои „ќе го фрлат целиот регион во оган“.
Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, истакна дека најголемата пречка за мирот и стабилноста на Кавказ е непријателскиот став на Ерменија. Акар додаде дека оваа земја мора веднаш да го запре непријателството кон Азербејџан, што „ќе го фрли регионот во оган“. Тој ја осуди Ерменија за, како што рече, провокациите кон Азербејџан.
Британските медиуми пренесуваат дека турскиот министер бил дециден дека Анкара „со сигурност“ ќе го поддржи Баку во спорот.
Владата на Ерменија и претседателот на непризнатата република Нагорно-Карабах денеска прогласија воена состојба и општа мобилизација на населението поради ескалацијата на конфликтот во регионот.
Министерството за одбрана на Азербејџан издаде соопштение во кое јави за интензивни судири за важни позиции во Нагорно-Карабах по целата линија на фронтот.
ЕУ повика на итен прекин на воените активности и безусловно враќање на преговорите во Нагорно Карабах.
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел нагласи дека последните извештаи од зоната на конфликтот во Нагорно-Карабах се „сериозно загрижувачки“.
– Воената акција мора да биде запрена итно, со цел да се избегне понатамошна ескалација. Итно и безусловно враќање на преговорите е единствен начин за напред – порача Мишел.
Папата Франциск денеска изјави дека се моли за мир во регионот на Кавказ по обновените судири меѓу Ерменија и Азербејџан за спорната територија Нагорно-Карабах, јави ДПА
– Се молам за мир на Кавказ и ги замолувам страните во конфликтот да направат гестови на добра волја и братство што може да доведат до решавање на проблемите, но не со употреба на сила и оружје, туку преку дијалог и преговори – рече папата Франциск.
Германската агенција појаснува дека во обраќањето до насобраните верници на плоштадот @Свети Петар# во Ватикан за неговата неделна порака, лидерот на 1,3 милијарди католици низ светот ги повикува верниците да му се придружат во тивките молитви.
Нагорно-Карабах, иако е меѓународно признат како дел од претежно муслиманскиот Азербејџан, се наоѓа под контрола на ерменски христијански сепаратисти, објаснува ДПА.
Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, изјави дека има загинати и ранети меѓу цивилното население и меѓу војниците откако ерменските сили отвориле оган по линијата на раздвојување.
– Утрово ерменските сили започнаа да пукаат врз позициите на азербејџанската армија и населбите во различни насоки долж линијата на раздвојување. Огнот бил отворен од разни оружја, вклучително и од голем калибар. Тоа е уште една воена провокација на Ерменија – нагласи Алиев.
Тој посочи дека Азербејџан нема да молчи за постапките на Ерменија.
– Во моментов, нападите врз непријателските позиции се во тек, уништена е воена опрема – рече Алиев.
Ерменија соопшти дека нејзините сили собориле два хеликоптера на Азербејџан и три беспилотни летала. МО на Азербејџан претходно соопшти дека ерменските сили пукале долж линијата на раздвојување и дека има жртви меѓу цивили.
Ерменскиот премиер Никол Пашинијан денеска изјави дека моменталните борби на Азербејџан во Нагорно-Карабах, кои тој ги нарекува провокација, биле испланирани претходно.
– Неодамнешните агресивни изјави на азербејџанското раководство, сеопфатните заеднички воени вежби со Турција, како и неприфаќањето на предлогот на ОБСЕ за мониторинг, јасно укажуваат дека агресијата била планирана претходно и дека станува збор за голема провокација против мирот и безбедноста во регионот – напиша ерменскиот премиер на Твитер.
Утрово дојде до нова ескалација во регионот Нагорно-Карабах, поради што во Ерменија и непризнатата Република Нагорно Карабах е прогласена воена состојба и мобилизација.
Никол Пашинијан денеска ја повика меѓународната заедница да се обезбеди Турција да не се вклучува во конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за Нагорно-Карабах.
Пашинијан оцени дека однесувањето на Турција може да има деструктивни последици за Јужен Кавказ и соседните региони