Што сакаше да ни каже претседателот Пендаровски за СЈО?

2,994

Само што помислив да го постирам текстот за нашите различни разбирања на говорот на претседателот Пендаровски на 2 Август – особено делот за СЈО – кога се појави соопштението од неговиот Кабинет дека тој, претседателот, „не чувствува потреба да им се извинува на поранешните вработени во Специјалното јавно обвинителство, затоа што неговата оценка за поранешното СЈО (…) воопшто не се однесува на вработените“, туку дека „оценката се однесува на првиот човек на тоа обвинителство“.

А што всушност рече претседателот? Рече дека „СЈО стана за жал дел од организираниот криминал“! И веднаш ќе кажам: не гледам зошто претседателот треба некому да се извини за изреченото. Но, и ќе образложам.






Односно, не сакам да кажам, и не кажувам дека и јас не бев меѓу она мнозинство кое беше (најблаго речено) затечено од ваквата констатација на претседателот Пендаровски. Иако, на втора мисла, но и по бројните реакции, оваа кратка, дури штура но содржајна реченица во говорот на претседател на држава во една таква прилика, сепак навестува дека тоа не е речено туку-така или само за да се биде во тек (и) со тие настани.Поточно, мислам дека констатацијата треба да се постави во еден поширок јавен контекст, треба да се согледа (и) од аспектот на демократизацијата на општеството од 2017 година, нашите тогашни аспирации и лозунзи – особено по формирањето токму на тоа Специјално јавно обвинителство – надежите на сите оние кои бараа промени во државава.

А, да потсетам, промени во државава се бараа и во институциите, во нивниот однос кон јавноста, нивната затвореност/заробеност, молкот што цела деценија владееше зад нивните врати… Станува појасно?

Сакам да кажам: ако ние сите, или барем повеќето од нас, го осудувавме соучесништвото на институциите во криминалот на бившата власт, ако не можевме да го разбереме стравот и подаништвото на вработените наспроти прокламираната демократичност на општеството, ако сметавме дека молчењето и нечинењето се само уште една форма на соработка со криминалната власт…, тогаш зошто сега би требале да мислиме поинаку? Зошто тоа би било и денес дозволено ама пред три години го сметавме за грев и злосторство? Зошто тогаш се смеевме на неумесните обиди на поединци на високи функции да се претстават како „паднати од Марс“, како тие ништо не знаеле, не виделе, не слушнале?

Дали претседателот сакаше (и) на тоа да ни укаже со онаа реченица дека „СЈО стана за жал дел од организираниот криминал“, а не баш само првиот човек на таа институција!? Зашто, извинете, но навистина ли никој во тоа СЈО не знаел што таму се случувало, често и зад кулисите, никој ли немал увид во (во најмала рака) сомнителните контакти на шефицата, или дека, на пример, нејзиниот син одеднаш се вработува во една (тогаш) нова национална телевизија којашто прекуноќ се вивна на македонското „медиумско“ небо? И никој не гледаше некаков проблем? Или никој не сакаше да говори за тоа? Не може баш никој да не знаел и за оние бонуси во десетици илјади евра, нели? Ама никој не сакал да ја ремети домашната, речиси фамилијарна атмосфера во тоа СЈО?

Само човек што не работел барем еден месец во државна институција би можел да биде толку наивен. Во тие институции нема нешто што не се знае – веднаш или за два дена! Ако пак навистина никој ништо не знаел, тогаш тоа станува уште поголем проблем зашто ако вие не ги гледате криминалите што ви се случуваат пред носот, како ќе се борите со криминалите надвор? Оттука, ако нивната шефица, онака настојчиво, викаше „отвори, отвори, отвори“, другите високопозиционирани стручни лица требаа тоа да си го повторуваат себеси секојдневно, како молитва, но во контекстот и на нивните внатрешни работи.

Следствено, мислам дека претседателот воопшто немал намера некому да суди и пресудува, како што ни мене тоа не ме паѓа ни на крај памет, тоа впрочем не е моја работа, ниту пак мислам дека некој од вработените во тоа сега веќе покојно СЈО бил/е замешан во криминалите на нивната шефица. Никако. Но, молкот е волкот, тоа криење на нештата, игнорирањето на јасните знаци дека нешто мириса, дека нешто се случува…

Ние денес многу често забораваме што и како сакавме, а кога саканото го освоивме заборавивме кои се нашите обврски. Зашто, ако претходните сме ги обвинувале, и со право, за молчење, за нечинење и соучесништво, од каде правото истото да го повторуваме? Или – мислиме дека сме недопирливи? А кога тоа ќе ни го кажат в лице, да глумиме навредени примадони.

Ако некоја државна иснтитуција имаше поддршка од јавноста, тоа беше тоа Специјално јавно обвинителство. Сите до еден внатре. Дотолку поголемо разочарување е нивниот неславен крај, а најголемо тој силен молк како форма на „соучесништво“ со нивниот прв човек. Оттука, сигурен сум дека претседателот го имал сето ова на ум кога ја кажал онаа кратка реченица. Којашто многу открива!

(Насловот на колумната е редакциски)

 

Поврзани содржини