Што сака ДУИ?

Почитувани колеги од ДУИ, на крајот една замолница: немојте да ги уривате сите мостови за соработка со неспорниот победник на следните парламентарни избори, кога и да се одржат тие. Пресилните и неосновани квалификации не се во интерес на ниту еден политички субјект. Денес направивте голема грешка, но како и секогаш, имате можност да ја исправите во блиска иднина. Честит Рамазан Бајрам!

2,290

Политичката партија ДУИ, денес, на само еден ден пред големиот верски празник Рамазан Бајрам, испушти огромна количина отров кон партијата ВМРО-ДПМНЕ, со која, да се потсетиме, коалицираше во неколку влади во периодот 2008-2016 година. ДУИ обвинува дека, наводно, „ВМРО-ДПМНЕ секојдневно потврдува дека е фундаментално ориентирана против Албанците во нашата држава, против изградбата на Коридорот 8 и против интеграцијата во Европската Унија и стратешкото пријателство со Соединитетите Американски Држави“. Ова е можеби најтешкото од сите досега обвинувања упатени од страна на ДУИ кон ВМРО-ДПМНЕ.

Како универзитетски професор со стаж од близу 40 години, кој образувал неколку стотини и менторирал поголем број студенти македонски Албанци, долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен висок владин функционер во коалициски влади со политички партии на македонските Албанци, вклучително и на ДУИ, јавно го изразувам својот револт и згрозеност од ваквите паушални квалификации. Ги повикувам моите пријатели од ДУИ да се оградат од ваквите монструозни обвинувања кои не користат никому и дополнително го шират јазот на меѓуетнички план.






Прво, ВМРО-ДПМНЕ не е против Албанците во нашата заедничка држава. Во таква партија јас не би членувал ниту еден ден! Нашите дела од изминатиот период се потврда за ова тврдење. Не сакам да зборувам во прво лице еднина, но ќе си дозволам тоа да го направам со неколку реченици. Албанците како народ кон изразената поддршка и почит одговараат повеќе од пропорционално. Тоа сум го почувствувал многупати до сега. Беше голема чест кога неодамна во рамките на прославата 20 години од формирањето на Универзитетот Југоисточна Европа (Штулов универзитет) добив плакета, а во официјалната публикација на универзитетот по тој повод се најдов меѓу тројцата најзаслужни луѓе за основање на универзитетот, заедно со господата Арбен Џафери и професорот Гале Галев, своевремено министер за образование во Влада на РМ.

Во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ е донесена значајна законска регулатива и се создадени услови за значително унапредување на правата на албанската заедница во Македонија – од Законот за високото образование во 2000 година, Охридскиот рамковен договор, Закон за јазиците и мноштво други закони. Ние го дигаме гласот против секојдневните провокации од страна на поедини функционери од албанска националност кои ги повредуваат чувствата на мнозинската заедница во Република Македонија.

Второ, не сме против изградбата на Коридорот 8, како што обвинуваат од ДУИ! Дури лично имам интерес за што поскоро автопатско решение на оваа делница. Ние сме против насилството кое одредени функционери на ДУИ го манифестираат од самиот почеток на изведба на овој стратешки проект. Ако ДУИ ги следат забелешките на голем дел од стручната и пошироката јавност во врска со активностите на овој план, листата на „противници“ би била бескрајно долга. Се изнесоа бројни забелешки и критики во јавноста. Ја користам оваа прилика да изразам личен став и скепса кон одредени аспекти на проектот. Како и претпоставувам многумина, силно ме заболе изјавата за овој коридор што во декември минатата година ја изнесе господинот Али Ахмети кој кажа дека се отстраниле сите пречки за изградба на „прстенот на нацијата – Скопје-Тирана-Приштина“. Нема потреба од коментар за оваа великоалбанска провокација!

Понатаму, идеолозите на проектот Коридор 8 си зедоа cart blanch од аспект на финансирање на изградбата, со една провизорна проценка за цената на чинење во висина од 1,3 милијарди евра плус 300 милиони евра за експропријација на земјиште и објекти во приватна сопственост по текот на трасата. Во отсуство на проект и целосна нетранспарентност на процедурите нема да претерам ако кажам дека износот би можел да биде и неколкукратно поголем. Се разбира, Република Македонија нема финансиска моќ да ги обезбеди тие средства. Зачудува фактот што воопшто не се спомнува надворешно финансирање и евентуален грант од страна на меѓународни финансиски институции, пред сѐ, ЕИБ (Европска инвестициска банка) кои традиционално финансираат проекти од ваков карактер под услови далеку поповолни од тие присутни на финансиските пазари. Не сакам да верувам во свесна намера, но ваквиот неодговорен пристап во (не)планирање на финансирањето на проектот, кога наспроти себе имате еден бескруполозен партнер како што е конзорциумот Бехтел-Енка, ќе предизвика Република Македонија да ја изгуби и својата економска сувереност.

Трето, ДУИ ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека е против интеграцијата во ЕУ. Ова е бесмислено обвинување на кое што е многупати досега аргументирано одговорено и не заслужува посебен коментар!

Четврто, ВМРО-ДПМНЕ со ништо не покажало дека е против стратешкото пријателство со САД. Во овој контекст треба да се спомене дека ДУИ се многу идеолошки поблиски со политичката партија Левица и дека прилепувањето на некоја блискост на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, во смисла на анти-албанство и платформа за продор на руско влијание е обична флоскула и измислица, сѐ со цел да се оцрни политичкиот соперник. Во контекст на дебатата за отворените прашања околу Коридорот 8, прашање на ден е кога претставници на американската влада јавно ќе се оградат од злоупотребата на нивниот авторитет за нетранспарентноста во процесот на подготовката и изведбата на овој стратешки проект за земјата.

Почитувани колеги од ДУИ, на крајот една замолница: немојте да ги уривате сите мостови за соработка со неспорниот победник на следните парламентарни избори, кога и да се одржат тие. Пресилните и неосновани квалификации не се во интерес на ниту еден политички субјект. Денес направивте голема грешка, но како и секогаш, имате можност да ја исправите во блиска иднина. Честит Рамазан Бајрам!

Поврзани содржини